Бројот на мигранти кои пристигнуваат во Европа расте: Тоа е поради пандемијата, тука имаат бесплатни вакцини!

95

Бројот на бегалци и мигранти кои оваа година ќе тргнат кон Европа веројатно ќе се зголеми поради пандемијата на коронавирусот, предвидува институтот за имиграциски политики “ICMPD”.

Се очекува подобриот здравствен систем и достапноста на вакцините во Европа, како и глобалната економска криза предизвикана од пандемијата да поттикне поголема миграција кон Европската унија, изјави за весникот “Handelsblatt”, Михаел Спинделегер, директор на Меѓународниот центар за развој на мигрантска политика со седиште во Виена.

„Во Европската унија луѓето добиваат бесплатни вакцини. Тоа е многу привлечно за бегалците од Африка, Латинска Америка и Азија. Поради тоа, очекуваме пораст на илегалната миграција“, додаде Спинделегер кој беше и австриски вицеканцелар и министер за надворешни работи.

„Во многу земји слабее економијата. Поради тоа, очекуваме да се зголеми притисокот за иселување“, вели Спинделегер.

Експертите од “ICMPD” велат дека е забележана појава на нови миграциски правци кон Европа, како оние од Либан кон Кипар или од Мавританија кон Канарските острови.

Бројот на мигранти кои се движат по тие правци, според виенскиот Институт се зголемил за дури 900%. На просторот на централен Медитеран, во правец преку Тунис кон Европа, бројот на мигранти минатата година се зголемил за 155%.

Спинделегер изјави дека очекува и зголемување на миграцијата од Латинска Америка кога повторно ќе се воспостават воздушните линии, затоа што тој регион економски е многу потешко погоден од Европската унија.

“ICMPD” во 1993-та година беше основан од Австрија и Швајцарија, а сега членуваат 18 европски држави.