Брнабиќ ги повика Србите да не летуваат во Црна Гора

583

Откако Србија не се најде на списокот на земји за кои Црна Гора ќе ги отвори своите граници на 1 јуни, српските медиуми остро ја нападнаа црногорската влада, а српската премиерка, Ана Брнабиќ, го повика народот на Србија да не летува во Црна Гора.

Во понеделникот црногорскиот премиер Душко Марковиќ објави дека Црна Гора ќе ги отвори своите граници за земји со помалку од 25 заразени лица на 100.000 жители, вклучувајќи ги и Хрватска, Словенија, Австрија, Германија, Унгарија, Албанија и Грција.

Повеќето црногорски медиуми пренесоа изјава на Брнабиќ, каде таа за „Пинк“ вели дека српските граѓани сега можат да видат оти се непожелни во Црна Гора.

„Овој став на црногорскиот премиер им испрати јасна порака на граѓаните. Би ги замолила граѓаните да останат во нашата Србија што е можно подолго и во поголем број и да не одат некаде каде што се непожелни“, рече Брнабиќ.

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, за „Блиц“ изјави дека потегот на црногорските власти за затворање на границата кон српските граѓани е „смешен и бесмислен чин“ и рече дека на Црна Гора и штети овој потег.