Бошњаковски: Граѓаните нема да бидат заложници на партиски интереси

310

Владата нема да дозволи опозицијата да ги направи граѓаните заложници на партиски интереси, истакна денеска на прес-конференција портпаролот на Владата Миле Бошњаковски информирајќи за поднесените измени на Изборниот законик кои се однесуваат на избор на членови на ДИК.

– Отсуството на одговорност кај опозицијата не може да биде пречка за изразување на волјата за мнозинството граѓани на земјава, волјата на граѓаните на Република Македонија ќе биде изразена на слободен и демократски организиран референдум. Време е опозицијата да докаже дали е за членство на Македонија во ЕУ и НАТО, рече Бошњаковски.

Владата, додаде тој, остава можност за постигнување договор на можната лидерска средба утре, за која се уште нема информација кога и каде ќе се одржи.

– Се разбира оставаме можност и се надеваме дека опозицијата на најавената лидерска средба во текот на утрешниот ден ќе покаже волја,конструктивност и ќе се надмине себеси во нејзиното политичко однесување и ќе заземе поинаков став против блокади, а со поддршка на стратешките цели на граѓаните на Република Македонија, рече Бошњаковски.

Со измените, според него, ќе се овозможи избор на ДИК наспроти политичката блокада која што постои во овој момент од опозицијата.

Измените се однесуваат на неколку ставови во членот 27, меѓу кои, се брише и двотретинското гласање за составот на ДИК.

Според портпаролот на Владата, блокадата на изборот на ДИК во Република Македонија е појава која е евидентирана во повеќе извештаи на Венецијанската комисија. Овие мислења се една од основите за измените кои ги предлага Владата.

– Во овие извештаи јасно и недвосмислено се наведува дека потребата од избор или менување на членови на некое тело и носители на функции со квалификувано мнозинство не смее да се претвори во контрапродуктивен инструмент за блокирање на процесите за формирање на клучни институции на системот, затоа што институциите коишто не можат да функционираат не ја остваруваат нивната уставна цел и ја поткопуваат демократијата. Клучно да постојат механизми за откочување и надминување на вакви блокади со цел нормално одвивање на политичките процеси, рече Бошњаковски.

Портпаролот вели дека Владата секојдневно ја повикувала опозицијата, како што рече, да го заземе одговорно своето место коешто го има во државата.

– Но, очигледно е тие напори не вложија со плод, рече Бошњаковски.

Владата денеска во собраниска процедура ги пушти измените на Изборниот законик, со кои предлага Државната изборна комисија да се бира со 61 пратеник, наместо со двотретинско мнозинство.

Во Предлог-законот, Владата како предлагач во образложението посочува дека двотретинското мнозинство за избор на членови во ДИК според Изборниот законик, и покрај добрата намера при неговото креирање, не смее да се претвори во своја спротивност, овозможувајќи и на парламентарната опозиција целосно да го блокира процесот на донесување на одлуки, поточно изборот на претседател, потпретседател и членови на Државната изборна комисија.

Измените се однесуваат на неколку ставови од членот 27. Во него, целосно се брише ставот 3 кој гласи: „Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието подготвува предлог на листа од пријавените кандидати и ја доставува до Собранието“

Во ставот 4, кој гласи: „Од кандидатите на предлогот на листата, политичките партии во опозиција предлагаат претседател и двајца членови на Државната изборна комисија, a партиите на власт предлагаат потпретседател и тројца членови на Државната изборна комисија“, се бришат зборовите „на предлогот на листата“.

Во ставот 5, кој гласи: „Претседателот, потпретседателот и членовите на Државната изборна комисија ги избира Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници“, се брише зборот „двотретинско“.

Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

Претседателот на Собранието Талат Џафери, предлог-законот по скратена постапка со европско знаменце го стави на дневен ред на денешната 53. пленарна седница.