Во кабинетот на германската канцеларка Ангела Меркел откриено е лице кое со години шпионирало за египетската разузнавачка служба.
Соработник на главниот портпарол на германската влада Стефан Сајберт е разоткриен дека работи како египетски агент. Вработениот во Службата за медиуми и информации е обвинет дека повеќе години работел за египетската тајна служба.
Сојузната криминалистичка служба во декември минатата година, по налог на сојузното обвинителство презела „извршни мерки“ против тоа лице, стои во безбедносниот извештај, а истрагата против лицето се уште е во тек.
Од обвинителството за германски „Билд“ потврдија дека против тоа лице е отворена истрага поради сомнение за шпионски активности. Според споменатиот медиум, станува збор за лице од средно ниво на државен службеник во владата.
Од сојузната прес служба одбија да дадат коментар во врска со овој случај, нагласувајќи дека не се мешаат во тековната истрага.
Според Службата за заштита на уставниот поредок, во годишниот извештај беше наведено дека египетската разузнавачка служба во Германија се обидува да добие информации за египетските опозиционери кои живеат во Германија. Притоа, фокусот бил на припадниците на контроверзното „Муслиманско братство“ кое во повеќе наврати беше поврзувано со терористички активности.