БЕГ со информација до граѓаните дека радијаторите денес и утре ќе бидат поладни

76
Денес утре и задутре можно е минимално заладување на радијаторите на системот за парно греење.

Причината за ова можно заладување на домовите според соопштенито на акционерското друштво ГА-МА-Скопје кое е надлежно за транспортот на природниот гас е поради извршување на планирани ремонтни работи на транзитниот гасовод од Бугарија кон Македонија од бугарска страна.. Во следните три дена заради овие работни зафати ќе се транспортира ограничени количини на природен гас до корисниците што според БЕГ е можно да се одрази со редукција на топлинската енергија до крајните корисници.

БЕГ ги известува своите потрошувачи дека, согласно најавените ограничувањa на испораката на природен гас од дистрибутерот АД ГА-МА, во периодот од 27 до 29 октомври, можни се редукции на испораката на топлинска енергија преку системот за централно греење. Овие редукции нема да влијаат на комфорот на потрошувачите, односно нема да има значително намалување на внатрешната температура во објектите.

Според последните информации на регулаторната комисија за енергетика, во Скопје околу 60 илјади домаќинства и објекти се приклучени на системот за парно греење а од почетокот на годинава до сега има околу 1 000 нови потрошувачи кои се приклучиле на градското парно. Од таму посочуваат дека потрошувачите имаат право да се жалат и да добијат надоместок за штети поради прекини во испораката на енергија со послаб квалитет од пропишаното додека ранливите категории на граѓани не смеат да бидат исклучени од струја во зимските месеци заради не платени сметки. Од почетокот на годинава досега цената на парното е останата иста а струјата е поскапена за 7,4 %.