Антикорупциска отвори постапка за именувања во Армијата од страна на Иванов

278

Државната комисија за спречување на корупција отвори постапка за именувањата во Армијата од страна на претседателот Ѓорге Иванов. Станува збор за именувања од шефот на државата објавени во Службен весник по распишувањето на претседателските избори.

Антикорупциската комисија, како што беше истакнато на денешната седница, ќе бара информации од Кабинетот на претседателот и од Министерството за одбрана за извршените именувања.

Претседателот Иванов неодамна со укази ги назначи поранешниот аѓутант Мирче Ѓорговски за воен претставник во седиштето на НАТО, полковник Маријо Јуришиќ за воено аташе во Франција, началникот на ГШ Васко Ѓурчиновски го унапреди во генерал-потполковник, Драган Ковачки стана командант на Првата механизирана пешадиска бригада, а Бесник Емини началник на штаб во Здружената оперативна команда.

Комисијата денеска најави дека ќе поднесе прекршочни пријави за 30-тина професори и декани од УКИМ, кои не доставиле анкетни листови. Освен на УКИМ, ДКСК ќе спроведе контроли и на другите универзитети.

Антикорупциска упатува повик до сите раководители во институциите да испратат податоци за избрани и именувани лица, со цел да се ажурира регистарот на Комисијата. Потсетуваат дека за неисполнување на оваа обврска се одговара прекршочно. Анкетни листови се очекуваат и од нотари, извршители и административци.

На денешната седница ќе бидат разгледани и случаи на судир на интереси и непотизам.