Ангела Ѓорѓиевска тврди дека не е виновна за убиството на Пино Секондо, два пати поминала на полиграф

775

22-годишната Ангела Ѓорѓиевска денеска на судското рочиште изјави дека не се чувствува виновна за смртта на Пинета „Пино“ Секондо кој беше свирепо убиен во декември минатата година.

На почетокот на судењето, Ангела Ѓорѓиевска изјави дека не е виновна, а нејзиниот адвокат Еленко Миланов истакна дека ќе биде докажано дека Ангела е обвинета без ниту еден доказ.

Адвокатот на обвинетата порача дека фактот дека Ангела не е виновна бил потврден во предистрагата на случајот кога обвинетата два пати била полиграфски тестирана. Според него, невозможно било техниката два пати да биде изманипулирана.

На ова, обвинителката Лидија Раичевиќ реагираше и нагласи дека полиграфското тестирање не може да се земе како доказ во една судска постапка, туку тоа е само начин на собирање на информации во истрагата во полицијата.

Адвокатот на мајката на убиениот Пино, Димитар Дангов порача дека ќе побараат имотно правно побарување од обвинетата Ангела врз основа на претрпената голема душевна болка.

Инаку, освен Ѓорѓиевска, за убиството на Пино Секондо е обвинет и 27-годишниот Фуркан Али кој моментално е во бегство.

26-годишниот Секондо се водеше како исчезнат од декември минатата година. После повеќе од пет месеци, по пријава од непознат граѓанин, неговото тело беше пронајдено во атарот на скопското село Љуботен, по што МВР до Основното јавно обвинителство во Скопје поднесе кривична пријава против Ѓорѓиевска и Фуркан.