Кина, наводно, развива можност за лансирање напредни интерконтинентални балистички ракети од подземните складишта за да може брзо да реагира на потенцијален нуклеарен напад, смета американскиот експерт Ханс Кристенсен, пренесе агенцијата АП.
Кристенсен, аналитичар во Федерацијата на американски научници, донел заклучок за Кина откако анализирал серија сателитски фотографии до кои дошол неодамна. Според него, сликите покажуваат дека Кина се обидува да се спротивстави на, како што тој смета, зголемената американска закана. Пентагон сè уште не ги коментирал овие тврдења.
Според аналитичарот, фотографиите покажувале дека Кина започнала со изградба на најмалку 16 подземни складишта, на огромно место за тестирање ракети ,во близина на Гилантај во северниот дел на земјата.
Овие подземни складишта се додаток на постојните, кои сега ги има 20, и во кои има постари модели на интерконтинентални балистички ракети ДФ-5, објасни Кристенсен, додавајќи дека тоа претставува само дел од бројот на достапни складишта со балистички ракети со кои располагаат САД и Русија.
АП објави дека скоро сите магацини забележани од Кристенсен се дизајнирани да примаат софистицирани кинески интерконтинентални балистички ракети ДФ-41, чиј дострел е Алјаска и поголем дел од континенталниот дел на САД.
Интерконтиненталните балистички ракети од поновата генерација содржат компонента на цврсто гориво што му овозможува на операторот побрзо да ја подготви ракетата за лансирање во споредба со ДФ-5.
Кристенсен тврди дека очигледниот обид на Кина, да изгради магацини каде што можат да сместат ДФ-41, покажува дека таа се обидува да воспостави одржливост на нејзините (нуклеарни) сили.
Тврдењата доаѓаат откако, минатото лето, Пентагон, во својот годишен извештај за кинеските воени случувања, тврдеше дека Пекинг планира да ја зајакне мировната способност на своите нуклеарни сили, со поставување на повеќе интерконтинентални балистички ракети во подземните складишта.
Минатата година Кина одби да се приклучи на руско-американските разговори за иднината на последниот голем пакт за контрола на оружјето, новиот договор за намалување на стратешкото вооружување (СТАРТ), тврдејќи дека таа има само дел од нуклеарните арсенали што ги имаат Москва и Вашингтон.