Утрово по состанокот на Комисијата за заразни болести се донесени нови препораки кои ги соопшти министерот за здравство, Венко Филипче.
„Ги анализиравме последните трендови и се донесе одлука за соодветни предлози до Владата. Сите вработени во јавниот сектор, во локалната самоуправа, во сите институции, за одење на работно место да прикажат потврда за најмалку една примена вакцина или да имаат негативен ПЦР тест кој ќе важи најмалку 72 часа, а ќе биде направен на сопствен трошок, или ќе имаат потврда за прележан коронавирус не постар од 45 дена, или потврда од лекар специјалист дека вакцината не можат да ја примат, а тоа се оние со ретки имунолошки состојби за што ние ќе излеземе со соодветна листа на болести“, информираше Филипче.
Министерот изјави дека очекува и приватните компании да се приклучат до овие мерки, со оглед дека, како што рече, до нив е пристигнато писмо од Сојузот на стопански комори со слични барања, со цел да се заштитат производствените процеси и целиот економски процес.
Филипче ја соопшти и другата одлука, а тоа е препорака за задолжителна вакцинација за сите здравствени работници.
„Предлагаме овие мерки да стапат на сила 10 дена откако ќе ги усвои Владата, за граѓаните да имаат временски период да се вакцинираат, а период од 30 дена да им дадеме на оние 20-30% здравствени работници кои не се вакцинирани да го сторат тоа“, рече Филипче.
Освен тоа, Комисијата предлага да се ажурира процесот за контрола на сертификатите, од страна на МВР и на пазарниот инспекторат, односно преку достапните апликации и QR кодовите на овие апликации да се проверува дали сертификатите што ги приложуваат лицата се валидни.
„Пред нас е зимски период, сезона на грипови, настинки, има пациенти со други болести, не е само ковидот, и од тие причини не можеме да го оптоваруваме здравствениот систем и не може болниците да се занимаваат само со ковид пациенти“, рече Филипче.