Во полициска акција во рамки на истрага на скопското обвинителство, синоќа се уапсени две лица од кои едното вработено во Агенција за национална безбедност, а второто е лице со кривично досие.
Како што пренесува „Телма“, двајцата уценувале и вршеле изнуда од скопски бизнисмен кој имал фирма за градежништво.
Уапсените тврделе дека против фирмата има кривична истрага и двајцата може за 5.000 евра да средат затворање на истрагата. Всушност, истрага немало, а бизнисменот го пријавил случајот во надлежниот полициски оддел по што отпочнала постапка.
Бизнисменот добил форензичко одбележани пари кои во ресторан во Скопје му ги предал на вториот член на групата кој што соработувал со агентот на АНБ. Тогаш на лице место е уапсен уценувачот.
Според првичните информации, покрај приведениот припадник на АНБ , вториот уапсен кој ги „подигал“ парите од уценуваниот бизнисмен е обвинет и амнестиран за упадот во Собранието на 27-ми април. Уапсениот имал и повеќе други кривични дела. Тој ја искористил амнестијата за крвавиот четврток заедно со организаторите на протестите, пратениците и собраниските службеници кои беа ослободени од кривична одговорност за крвавите инциденти во парламентот бидејќи не беа директни учесници во насилствата.
Припадникот на АНБ бил вработен во агенцијата во септември 2019-та, кога новата агенција ја замени претходната УБК.
Од МВР сè уште не соопштуваат детали за акцијата.