За влез и за излез од Македонија ПЦР тест, вакцинален сертификат или доказ за прележан ковид

632
На граѓаните што ќе се вратат од одмор наредната недела, а не се вакцинирани, за влез во Македонија можно е да им треба негативен ПЦР тест.

Властите се на ум, со личните документи, зелениот картон и сообраќајната, граѓаните на граничните шалтери да прикажуваат и потврда за вакцина, прележан ковид, или негативен ПСР тест, потврди министерот за здравство Венко Филипче кој не смета дека е доцна за ваков чекор. Дали и кога би се применувало ова, Владата допрва ќе дискутира на утрешната седница.

Иако состојбата во тетовскиот регион е алармантна, властите засега не планираат таму да се воведат мерки. Директорот на тетовската болница за Канал 5 вели дека сите 90 пациенти, од кои 20 се примени само во последните 24 часа, се со тешки компликации.

Дел од пациентите со Итна помош ќе се пренесуваат во Скопје, бидејќи ГОБ „8-ми септември“ и модуларната до Инфективна се реотвараат за ковид пациенти.

„Чаре“ за напливот на пациенти се бара во вакцинацијата бидејќи во градовите каде има голем процент на вакцинирани граѓани, како Охрид, Битола и Штип, нема притисок во болниците. Досега во земјава имунизирани се околу 35 проценти од населението, а вакцина примиле и 4.000 деца до 18 години. Националниот комитет за имунизација ќе препорача пациенти на кои им била извршена трансплантација и оние со хронична дијализа да примат и трета доза вакцина.