Италијанската фудбалска репрезентација собра многу симпатии со пласманот во финалето на Европското првенство и шесте натпревари играни во Рим, Минхен и Лондон. Три години по фијаското и неквалификувањето на Светското првенство во Русија со Вентура на клупата, Италија на Манчини игра дијаметрално спротивен фудбал.
„Аѕурите“ в недела ќе се борат за европскиот трон, но и за доближување на светскиот рекорд. Имено. Роберто Манчини не знае за пораз како селектор на Италија три години или 33 натпревари. Најдоброто постигнување во историјата на фудбалот е во сопственост на Бразил и Шпанија, кои застанаа на 35 натпревари без пораз.
Ако слават против Англија или Данска, Италијанците ќе се доближат на само еден натпревар до светскиот рекорд и во септември во мундијалските квалификации ќе се обидат да го израмнат и надминат.
Манчини веќе собори рекорди во италијанскиот репрезентативен фудбал, надминувајќи го Корсо и Липи.