Пандев: Дојде моментот за кој Мрме ме врати во репрезентацијата

743

Горан Пандев, капитенот на македонската фудбалска репрезентација, на прес-конференцијата пред натпреварот против Австрија истакна дека сите со душа и срце го чекале овој момент, тоа е прв дуел на едно Европско првенство (ЕП).

Најдобриот македонски фудбалер образложи дека оваа цел била зацртана кога во 2015 година Игор Ангеловски дошол во Џенова и го вратил во националниот тим и е навистина среќен што сега е реалност.

„Точно е дека работат емоциите, точно е дека сите во Македонија, фудбалерите, навивачи, медиуми, јавност го очекувавме овој момент. И, верувајте сега сме подготвени да го дадеме срцето за нови радости, затоа што знаеме дека сите погледи во Македонија се насочени кон нас. Јас го прифатив предизвикот на селекторот пред шест години кога дојде во Џенова и ме убеди да се вратам во националниот тим затоа што не чекаат успешни денови. И ми се чини дека тоа беше главно на патот до остварувањето на овој сон. Но, секако и јас и соиграчите сме подготвени да го прифатиме и овој предизвик. Желбата е секако да го демонстрираме максимумот на секој натпревар и да се обидеме да не завршиме со само три меча на шампионатот. Имаме негативно искуство со оваа репрезентација, но добро ги анализиравме нивните игри последниот период. Знаеме дека не чека тежок натпревар со една цврста, физички одлично подготвена репрезентација. Но, подготвени сме за надигрување. Онаа победа против Германија донесе самодоверба плус во нашите редови, овие момци се повеќе се свесни за своите квалитети и тоа треба да ни биде дополнителен мотив плус на секој дуел на првенството“, изјави Пандев.

Првиот натпревар на ЕП, Македонија го игра в недела од 18:00 часот.