Почетна Свет Ердоган остро му врати на Бајден: Гледајте си ја вашата историја

Ердоган остро му врати на Бајден: Гледајте си ја вашата историја

653
Соединетите држави треба да погледнат во сопственото минато и сегашност, одговори Турција на САД, кои денес официјално го нарекоа турскиот масакр врз Ерменците геноцид во 1915 година, што Турција го нарекува политички опортунизам и популизам.

Претседателот на САД, Џо Бајден, рече дека американскиот народ ги почитува сите Ерменци кои загинаа во геноцидот пред 106 години, отстапувајќи од децениската традиција во која Вашингтон внимателно избирал зборови за масакрот за да не ја навредува официјална Анкара.

„Ние силно ги осудуваме и отфрламе изјавите на американскиот претседател кој само ги повторува обвинувањата на оние чија единствена агенда е непријателство кон нашата земја“, напиша портпаролот на турското претседателство Ибрахим Калин на Твитер.

„Го советуваме американскиот претседател да погледне во минатото и сегашноста на неговата сопствена земја“, додаде Калин.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган го осуди мешањето во внатрешните работи на Турција.

„Никому не му користи, дебатите со кои треба да се занимаваат историчарите да ги исполитизираат трети страни користејќи ги како инструмент за мешање во нашата земја“, рече Ердоган во пораката до ерменскиот патријарх во Истанбул.

Турското Министерство за надворешни работи објави дека одлуката на САД не се заснова на правна основа и ќе „отвори длабока рана“ во билатералните односи.

„Оваа изјава на САД, која ги искривува историските факти, никогаш нема да биде прифатена во совеста на турскиот народ и ќе отвори длабока рана што ќе им наштети на меѓусебната доверба и пријателство“, соопшти Министерството.

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу реагираше само неколку минути откако Белата куќа го објави соопштението.

“Зборовите не можат да ја менуваат или препишуваат историјата. Нема да учиме за сопственото минато од никого и од ништо. Политичкиот опортунизам е најголемото предавство на мирот и правдата”, рече Чавушоглу, додавајќи дека тој целосно ја отфрла изјавата заснована само на популизам.