Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, смета дека оставката на Драги Рашковски од функцијата советник во кабинетот на премиерот е само прв морален чин, по кој оставка треба да си поднесе и цела Влада. Во изјава за медиумите тој коментираше и дека не може со својата плата Рашковски да вози џипови од 70-80 000 евра и да гради хациенди.
„Оставка треба да си поднесе цела криминална влада, не Рашковски. Тој одамна треба да биде таму каде што припаѓа, а тоа е во затвор. Не може службеник со плата од неколку стотици евра или професор на факултет да поседува и да гради хациенди со по илјадници метри квадратни, да летува и да дезертира во ек на пандемија таму каде што беше и да ни кажува дека биле евтини аранжманите, да се вози со нови џипови од 70-80 000 евра, ако се негови, такви информации излегоа во медиумите. Ако се потврди како точно ова е уште еден срам и блам на оваа Влада“,рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели ако Рашковски неколку стократно го зголемил својот имот, може само да се замисли што се случува со премиерот Зоран Заев и останатите функционери.
„Срамота е ова што се случува, оставката е прв морален чин да се случи нешто иако од порано требаше да се случи, но ова треба да продолжи во континуитет со Владата. Она што можам да го кажам и како негов колега, се срамам што вакви луѓе се дел од Универзитетот иако сме од различни факултети“,изјави Мицкоски.
Оставката на Рашковски, за која самиот ја информираше јавноста со објава на Фејсбук, доаѓа по случаите што ги отвори „360 степени“ – за набавката на софтвер што не го користи ниедна институција и за тоа дека Рашковски вози џип „волво – XC90“, кој не фигурира во неговиот анкетен лист. Вчера ТВ Алсат објави и дека Рашковски во Побожје ќе гради хациенда од 800 квадратни метри.