Иран денес објавил дека војската на таа земја “ненамерно го соборила” украинскиот патнички авион, наведувајќи дека станувало збор за човечка грешка.
Во соопштението на иранската војска се наведува дека по грешка било проценето дека авионот бил непријателска мета, откако истиот завртел кон “чувствителен воен центар” на Револуционерната гарда.
“Во тие услови, поради човечка грешка, авионот бил ненамерно погоден”, се наведува во соопштението и се истакнува дека одговорните ќе бидат процесуирани, пренесува “AP”.
Иранската војска упатила извинување, наведувајќи дека ќе ги усоврши своите системи за да се спречат вакви трагедии и повеќе да не се повторат.
Признавањето уследило откако американски и канадски службеници навеле дека е многу веројатно дека иранска противавионска ракета го соборила авионот, што Техеран на почетокот негирал, нарекувајќи ги овие наводи “големи лаги”.
Авионот бил соборен во средата, неколку часа по иранското ракетирање на две воени бази во Ирак, кои ги користат американските сили, што било одмазда за убиството на најмоќниот ирански генерал Касим Сулејмани.
“AP” констатира дека ова признавање од Иран најверојатно ќе предизвика негативно чувство во јавноста кон властите, бидејќи Иранците застанале покрај своите лидери по убиството на Сулејмани.
Во несреќата загинале 176 патници и членови на екипажот, повеќето државјани на Иран или Канаѓани со иранско потекло, кои преку Украина се враќале во Канада по празниците минати во Иран.