Воена состојба во Украина! Порошенко: Русија ја засилува војската на границата, ни се заканува тотална војна

1336

Во 10 погранични области во Украина утрово во 9 часот по локално време стапила на сила воената состојба која ќе трае 30 дена, а украинскиот претседател Петро Порошенко предупредува на можноста на војна со Русија. Претседателот на Украина изјавил дека Русија драстично го зголемила своето присуство на границата со Украина и навел дека на неговата земја и се заканува “тотална војна” со Москва.

Воената состојба на основа на одлуката на парламентот во Киев стапила на сила во 10 од 27 украински региони, кои се сметаат за најподложни на евентуален руски напад и ќе трае до 27-ми декември.

“Бројот на тенкови во базите на границата е зголемен за три пати. Бројот на воени единици распоредени на границата е драстично зголемен”, рекол вчера Порошенко на телевизија, без да прецизира во кој период дошло до тоа. Тој, исто така, повикувајќи се на разузнавачки податоци, навел дека е зголемен бројот на руските воени бродови во Азовското море како и дека руската војска го засилила присуството на Крим.

Според неговите зборови, од 2014-та на Крим се зголемил за три пати и бројот на војници, има пет пати повеќе оклопни возила и речиси 10 пати поголема количина артилерија.

“Не сакам некој да помисли дека ова се детски игри. Украина се соочува со закана од тотална војна против Русија”, навел тој. Порошенко изјавил и дека во неделата, по заплената на трите украински бродови, се обидел да му се јави на рускиот претседател, но немало одговор од Путин.

“Истата ноќ барав да разговарам со рускиот претседател Путин. Не добив одговор. Затоа морав од германската канцеларка Ангела Меркел да побарам да разговара со Путин за инцидентот”, навел украинскиот претседател.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рекол дека “немало телефонски контакт меѓу претседателите”.

Поради инцидентот на море и заплената на три брода со 24 членови на екипажот, Украина и Русија се наоѓаат во најжесток судир во текот на последните години, а Украина прогласила едномесечна воена состојба во пограничните области.