Грчките власти ги преземале сите потребни чекори за да утврдат што точно се случило кога станува збор за смртта на грчкиот државјанин во Албанија, изјавил денес портпаролот на грчката влада, Димитрис Цанакопулос.
Тој објаснил дека грчките власти се во контакт со албанските власти и истакнал дека никој не би требало прерано да извлекува заклучоци, пренесува “AMA”.
Цанакопулос, исто така, ја повикал Албанија на смиреност и избегнување на агресивности во момент кога младиот човек го изгубил животот.
Албанската полиција вчера убила Грк кој пукал откако полицајците го тргнале грчкото знаме од гробиштата од Втората светска војна во селото Буларат, во близина на границата со Грција, што предизвикало остра реакција од Атина.

Албанските медиуми објавиле дека бил убиен Константинос Кацифас, кој пукал од Калашников кон албанските полицајци, кои го отстраниле знамето.
Инцидентот се одиграл додека албанското село Буларат, во кое во главно живеат Грци, ја обележувало годишнината од влегувањето на Грција во Втората светска војна, 28. октомври 1940. година, пренесува “Катимерини”.
Албанската полиција тврди дека Кацифас пукал во нив и дека возвратиле на огнот и го убиле.

Грчкото министерство за надворешни работи вчера истакнало дека “е неприфатливо тоа што акцијата резултирала со загуба на човечки живот”.
“Чекаме од албанските власти целосно објаснување на условите под кои грчкиот граѓанин го изгубил животот и веднаш ќе ги преземеме неопходните чекори”, се наведува во соопштението од грчкото министерство.
Албанското министерство за надворешни работи се огласило со соопштение во кое “жали поради неоправданата политизација” на овој случај.
Во соопштението се наведува дека албанската полиција “детално објаснила” дека станувало збор за целосно “изолиран случај”, како “флагрантен чин” на агресија кон албанската полиција.














![[ВИДЕО/ФОТО] Нови спектакуларни снимки од Месечината и Млечниот Пат](https://www.mkvesti.mk/wp-content/uploads/2026/04/Qmeo5-screenshot-4-218x150.png)


















