За американската воена империја се трошат 32 милиони долари на час! Најмоќната армија добива нови авиони, хеликоптери, бродови, оклопни возила…

254

„Време е да ги вратиме нашите војници дома“, беше главниот политички адут на Доналд Трамп, но и на неговите претходници Барак Обама, Џорџ Буш, Бил Клинтон и други.

Но, ниту еден не го одржа своето ветување. Напротив, Доналд Трамп еден ден после погребот на иранскиот генерал Касим Сулејмани пред воените ветерани го цитираше Џорџ Вашингтон кој пред 200 години изјави: „Најдобриот начин за сочувување на мирот е подготовката за војна“.

„Обезбедивме 700 милијарди долари за одбрана и 716 милијарди за 2021-ва година. Нарачавме 147 ловци „Ф-35“, нарачуваме 239 хеликоптери „Апачи“ и „Блек Хок“. Се градат 19 големи воени бродови, а се произведуваат и речиси 8 илјади „Хамви“ и други возила за пешадијата. Сето тоа се произведува во САД. Ќе добиеме и нови 30 илјади војници“, порача Доналд Трамп.

Џон Вајтхед, претседател на „Рутфорд“ инситутот од Вашингтон, угледен мировен активист и автор на неколку книги во својата анализа уште повеќе ја изразува својата скептичност дека САД воопшто некогаш би можеле да се „вратат дома“.

„Американската армија има повеќе од 1,3 милиони мажи и жени на активна должност, а повеќе од 200 илјади се стационирани во странство, во речиси сите земји во светот. САД имаат повеќе бази во странските земји од било кој друг народ, нација или царство во историјата. Меѓутоа, американските воени сили не се распоредуваат во странство за да ги штитат слободите на Американците, туку за чување на нафтените полиња, изградба на странска инфраструктура и заштита на финансиските интереси на корпоративната елита. Всушност, Америка троши околу 81 милијарда годишно само за заштита на залихите на нафта ширум светот“, вели Вајтхед и додава:

„Дури 800 воени бази на САД во 160 земји ги чинат даночните обврзници дури 156 милијарди долари на годишно ниво. И американските воени одмаралишта и места за рекреација на места како што се Баварските Алпи и Сеул во Јужна Кореја се еден вид на воени бази. Војската ширум светот има над 170 терени за голф“, додава Вајтхед.

Според него, фактите говорат дека САД за армијата троши повеќе од следните 19 најголеми држави на светот заедно, а ширењето на таквата воена империја ја чини државата вртоглави 32 милиони долари на час.

Покрај САД исто така и остатокот од НАТО Алијансата започнува да ги зголемува трошоците за одбрана, па кога сето тоа ќе се собере, НАТО Алијансата предводена од САД едноставно нема достоен ривал во светот.