Вујовиќ: За секој народ треба посебна „финта“, со Македонците мора да сте фини

615

Веселин Вујовиќ моментно е без работен ангажман по заминувањето од кормилото на Загреб, но јасно е дека е само прашање на време кога поранешниот македонски селектор повторно ќе го видиме во нова тренерска улога. Вујовиќ секогаш е интересен за ракометните проекти ширум поранешна Југославија, наоѓајќи начин да го извлече максимумот од ракометарите.

„Секогаш сакам да им покажам на ракометарите колку ги сакам, а ако се доведеме во ситуација да врескам, јасно е дека направиле нешто „гадно“ за јас да се налутам. Немам некоја посебна формула, бидејќи мора различно да се однесувате во зависност од тоа со кого зборувате. Со Македонците мора да бидете фини кога разговарате, Црногорците на гордост. Од Хрватите максимумот се вади со патриотизам, Србите се фаќаат „на финта“ , додека Словенците се „микс“ од сите овие, кога ќе разберат дека не мораат толку да ги почитуваат „големите репрезентации“ ќе бидат феноменални“, вели Вујовиќ.

Еден месец по заминувањето од Загреб, трофејниот стручњак не крие дека очекува наскоро да има нов ракометен ангажман.

„Кога се обидував да го објаснам заминувањето од Загреб го наведов овоштарството како една од причините, но секако дека тоа не беше клучен фактор во приказната. Дефинитивно останувам во ракометот, имав понуда од Арапите, но со нив не можете да договорите ништо, ќе ви кажат дека ќе ве бараат утре, па ги нема никаде пет дена. Како и да е, јас сум подготвен за работа, моментно чекам понуди“, истакнува Веселин Вујовиќ.