На влезот на Саем во Белград се растегнал ред. И стари и млади. Дошле да се вакцинираат. Некој се пријавил, некој не знаел дека треба да се пријави. Ама вакцина секој добива. Додуша мораат да почекаат половина час, бидејќи не се закажани. А закажаните поминуваат брзо. Но сите се задоволни.
На крајот на редот пристигнал Властимир Марјановиќ, се пријавил за вакцина, а повик не добил.
Не би сакал да чекам повеќе. Еве ме, нека ми дадат било која вакцина, само нека е вакцина – вели тој.
Од крајот на минатата година во соседна Србија започна вакцинација со вакцините против Ковид 19.
Последните десетина денови се врши масовна вакцинација на населението.
Последните податоци што ги објави министерката за труд, Дарија Кисиќ, до утрината се вакцинирани 172.000 граѓани.
Сите што ја примиле првата доза, ќе ја примат и втората, а по овие количини има резерви уште за наредните 7 дена со оглед на масовноста на пријавените за вакцинација.
Српскиот претседател, Александар Вучиќ, најави уште најмалку 100.000 дози вакцини, но кажа дека сега оди потешко нејзината набавка дури и од Русија.
Тој рече дека и покрај тоа што Србија пред неколку месеци има депонирано 2.000.000 евра во Ковакс системот, оттаму немаат примено ниту една доза.
Србија почна меѓу првите да вакцинира против Ковид 19, а вакцините ги набави исклучиво во билатерален договор со производителите.