Сквернавење на театарот вреден 40 милиони евра: “Шверцери” прославија 30 години постоење со недолично однесување, Николоски повикува на одговорност

536

Во петокот вечерта, во Македонскиот народен театар по одобрение од Министерството за култура беше одбележан јубилејот на навивачката група “Шверцери”.

На социјалните мрежи се појавија фотографии и видеа од прославата на кои се гледа како во зданието вредно 40 милиони евра во кое треба да се промовира културата и уметноста, навивачите се качуваат по столчиња и скокаат, а имало и навредливи скандирања.

Вториот човек на опозицијата, Александар Николоски, реагираше на својот Фејсбук профил по ваквиот настан, повикувајќи на оставка од страна на директорката на МНТ и министерот за култура, како и одговорност од премиерот Зоран Заев:

“Во институција што е врв на културата во Македонија гледаме врвна некултура и дивјаштво. Колку треба да немате чувство кон институцијата која ја водите да ја издадете на навивачка група! Па уште истата да се вика Шверцери!!! Името на навивачката група сугерира криминал. Што да очекувате од таква навивачка група освен сквернавење на најубавиот театар во Македонија? Тоа е разликата – некој гради, некој уништува!!! За ова е потребна оставка на директорката на МНТ, министерот за култура, како и одговорност од Зоран Заев! Заев е виновен!”, напишал Николоски на Фејсбук.

На настанот биле присутни и големи фудбалски имиња кои биле дел од клубот од Чаир, на бината биле поздравени поранешните македонски репрезентативци Горан Станковски, Гого Јовчев, Зекирија Рамадан, Арбен Нухиу, Арѓент Беќири, а присуствувале и поранешниот македонски селектор, Ѓоре Јовановски како и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, кој пред неколку години беше и тренер на екипата.