Што знаеме до сега за бегството на Сашо Мијалков?

462

Три дена до пресудата за предметот „Таргет-тврдина“, еден од најзначајните отворен од некогашното СЈО, а се однесува на масовното нелегално прислушување кое се спроведувало во државата. Еден од главните актери е екс-шефот на УБК, Сашо Мијалков кој најверојатно пресудата нема да ја слушне во живо.

Тој е недостапен за органите на прогонот, а ТВ21 подготви хронологија на настаните и она што го знаеме до овој момент.

  • Во петокот на 19-ти февруари во Кривичниот суд се одржа рочиште за предметот „Таргет-тврдина“ на кое беа презентирани завршните зборови. Присутен беше и Сашо Мијалков, но збор не зеде. Неговите адвокати рекоа дека тој не прислушувал противзаконски. Обвинителите Ленче Ристовска и Трајче Пеливанов не побараа притвор, па продолжија да важат мерките за јавување во суд еднаш неделно и одземен пасош.
  • Во саботата, шефицата на оделението за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска од свој извор дознава дека Мијалков се подготвува за бегство, по што таа околу 15 часот телефонски го известува Министерот Спасовски, кој подоцна и рекол се она што му го кажала да го поднесе во писмена форма, по што Русковска иако неработен ден, се упатува во Обвинителстовото и напишала известување кое подоцна го испраѓа до МВР.
„Јас во саботата некаде после 12,30 на пладне, откако добив информација дека е можно бегство на обвинетиот Сашо Мијалков, остварив контакт со Министерот за внатрешни работи при што тој ми кажа дека ќе ги провери сознанијата кои јас сум ги добила. Некаде после 15 часот, сега не знам точно, ми се јави министерот и ме замоли она што по телефон сум му го кажала да го напишам на писмено и да му го доставам.
Јас истото го сторив и известување доставив, сега не знам дали беше 16,30 или 17,00 часот, мислам дека нема да биде толку битно, не обрнував внимание на тоа и некаде после 10 и пол часот, односно 22 и 30, ми донесоа известување од полиција, односно истото известување кое јас им го пратив само со додадени генералии на обвинетиот Мијалков.
Јас се јавив на директорот на полиција, го прашав дали оствариле контакт со Агенцијата за национална безбедност и дали тие имаат некои сознанија при што директорот ми кажа дека Агенцијата за национална безбедност нема сознанија за бегство на Сашо Мијалков.
Се слушнав и со Републичкиот обвинител и истиот ме праша, бидејќи известувањето беше доставено до мене, до Љубомир Јовески, до Ленче Ристовска и до Трајче Пеливанов. Републичкиот обвинител ме праша колку ми е сигурна информацијата, јас реков дека тоа ми е оперативна информација од мој личен извор. И се договоривме да видиме следниот ден. Потоа јас во комуникација со Јавниот обвинител на Северна Македонија се обидов да го најдам, да стапам во контакт со мојот извор, да прашам до каде е, односно колку е сигурна информацијата.
Со истиот успеав да се слушнам дури околу пладне и при што, сега не можам да откривам детали, но дека на скала од 1 до 10, дека информацијата е некаде 7“, вели Вилма Русковска за „360 степени“.
  • Во неделата околу 12 часот обвинители донесуваат одлука дека треба да бараат затворски притвор за обвинетиот Сашо Мијалков, а околу 14.30 во судот веќе го доставуваат барањето. Ова е време кога и екипата на ТВ21 се наоѓаше во Дитрикт во Мериот, а каде присутен беше и Сашо Мијалков. По кратко време разговро со Ивица Коневски, тие го напуштаат местото еден по еден, а според наши извори потоа Мијалков заминува во куќата на Водно.
  • Во меѓувреме, членовите на советот Огнен Ставрев, Илија Трпков и Васка Николовска Масевска носат одлука, но не каква што бараше Обвинителството, туку куќен притвор со 24-часовен електронски и видео надзор.
  • Вака донесеното решение околу 18.30 го испраќаат до Министерството за внатрешни работи, а 15-тина минути подоцна и до Обвинителството кое го поднесе предлогот за пртивор.
  • Решението стига само до МВР и ЈО, но не и до Сашо Мијалков, бидејќи истито го нема на локациите на кои можел да се најде. Истрагата ја продолжуваат во текот на целата ноќ и вчерашниот ден. Но без резултат.

  • Полицијата вчера ги претресуваше сите автомобили кои влегуваат и излегуваат од подземната гаража на „Мериот“. Секој гепек беше отворен, но Мијалков не беше најден.
  • Покани за информативен разговор добиваат голем дел од неговите роднини како и членови на неговото обезбедување. До доцна во вечерните часови вчера тие останаа во полициска станица. Никој не сакаше да зборува пред камера, а беше извршен и еден претрес пред медиумите.

Никој не сакаше да зборува пред камера.

А беше извршен и еден претрес пред новинарските екипи кои се наоѓаа пред полициската станица „Пролет“ во Кисела Вода. Одземени беа неколку мобилни телефони, документи, актовки…

Обвинителството најавува дека во следните денови ќе преземе мерки, но без да откријат какви.

Инаку, доколку се потврди дека Мијалков избегал, ќе биде четврти кој истото го направил од обвинетите од СЈО. Пред него на листата се Никола Груевски кој ужива азил во Будимпешта, а неколкуте барања за екстрадиција негова екстрадиција се одбиени.

Во Грција се наоѓаат и двајцата разузнавачи Грујевски и Бошковски.