Што сака Меси и која е позадината на целата приказна околу Меси и Барселона!?

628

После сите превирања што ги предизвика со своето писмено барање да го напушти клубот, Лео Меси се примири. Тоа е повеќе од јасен показател дека сега на полигонот за надмудрување на еден од најдобрите играчи во историјата на фудбалот со клубот што го донесе на врвот, главниот збор го презедоа адвокатите. Меси е фудбалер, но во исто време е како мултинационална компанија. Нивото на економски интереси што се врти околу неговиот лик и дело е многу високо и секоја грешка е скапа.

Меси, како што може да се заклучи од пласираните вести од т.н. блиски извори, одлучил на почетокот од следната недела да дојде на тренинзите на Барселона. Дали е тоа знак дека нешто важно е променето, односно дека притисокот на клубот, кој објави дека ќе се бори за неговото останување, вродило со плод? Тешко е да се суди однадвор без доволно информации. Шпанските хроничари тврдат дека Меси е свесен дека мора да внимава на секој чекор за да не ја сврти пошироката јавност во Каталонија против себе, односно да не го закомплицира можното заминување со некаков правен превид и грешка. Тој сè уште е под договор со Барселона и додека е така тој мора да ги почитува обврските на клубот. Се разбира, приказната е далеку покомплицирана од таквите банални дилеми за тоа дали Меси ќе дојде на тренинзите или дали ќе се поздрави со претседателот Бартомеу или ќе го заобиколи.

Доаѓањето во Барселона е исто така психолошки момент, затоа што по првичниот шок на навивачкиот свет во Каталонија, дека тие веднаш би можеле да влезат во ерата без Меси, неговото „лошо“ однесување може да го сврти тој шок кон него, а не кон клубот. Жозеп Бартомеу, веројатно најомразената личност во светот на Барселона, не е баш наивен човек. Свесен е дека нема повеќе изгледи како претседател на клубот, без оглед кога ќе се одржат изборите, тој сега мора да се бори за негова чест. Тој јавно го повика Меси да ги открие причините зошто сака да ја напушти Барселона со пораката до него: „ Лео нека каже дали сум јас проблемот што тој сака да го напушти клубот”.

На крајот на краиштата, како вели Бартомеу, пред три години тој му го потпишал на Меси најбогатиот договор во кариерата (440 милиони евра бруто за 4 сезони), и покрај тоа, тој стави клаузула во договорот со која по три сезони може слободно да замине без обештетување, доколку тоа го најави до 1-ви јуни. Никогаш досега во светот на фудбалот никој немал ваков договор и јасно е дека Бартомеу сака да го извади Меси на бришан простор и да открие што толку му има направено лошо Барселона, за по 20 години пазење и мазење да сака да си замине со еден е-маил, не сакајќи да не плати ниту цент отштета.

Додека се овие темни облац над Камп Ноу, пошироката јавност во Шпанија, Англија, Италија и Франција, континуирано се занимава со прашањето над сите прашања – каде ќе оди Меси. Се разбира, линијата до Манчестер Сити е најжешка, затоа што има најмногу аргументи за тоа. Тоа е клуб кој има толку пари колку што треба, без оглед на критериумите на финансискиот фер-плеј на УЕФА. Колку се плашат од овие критериуми, се виде кога тие победија на CAS и се изборија за укинување на забраната за играње во Европа во следните две години. Во Сити е Кун Агуеро, голем пријател на Меси, а пред сè, таму е Пеп Гвардиола. Тренерот и личноста со која Меси ги направи најголеми чекори кон статусот на денешниот Меси.

Каталонските медиуми со месеци пишуваа дека односите помеѓу Меси и Гвардиола се многу заладени. Но, никој никогаш не објаснил зошто нивните одлични односи преку ноќ станаа ладни. Оние аналитичари кои делуваат дека се најдобро информирани за реалните односи околу Меси, денес потврдуваат дека Аргентинецот, по созревањето на решението да ја напушти Барса, веднаш го повикал Гвардиола.

Тој само побара потврда дека Сити ќе влезе во борба за неговиот потпис и ќе стори сé за да го донесе. Во Манчестер, заедно со Гвардиола, е целиот оперативен тим кои беа со него и во Барселона до 2011 година, и логично е Меси таму да се чувствува многу заштитен во услови на одредена стресна приказна што ќе следи.

Медиумите шпекулираат дека всушност Гвардиола е единствената причина зошто Меси би дошол во Англија, и дека од фудбалска гледна точка, тој не е против опциите во ПСЖ, Интер или Баерн. Според една таква теорија, Меси всушност сака сè да се смени целосно во Барселона, и дека целата приказна е само провоцирање да се случи голема чистка и подготвување на теренот за враќање на Гвардиола на Камп Ноу. Со неговиот тим, кој заедно со Меси пред десет години владееше со Шпанија и во светот на фудбалот.

Има многу нелогичност, теориии на заговор, шпекулации во медиумите наменети само да ја зголемат огромната напнатост околу иднината на Лео Меси, но и на еден таков голем клуб како што е Барселона. И сигурно е дека во наредниот период ќе можете да прочитате и слушате фантастични сценарија, во стилот на тоа објавено вчера од една шпанска радио станица, според кое целиот земјотрес на Камп Ноу бил оркестриран од Мадрид со желба да ја намали моќта на оние кои ја сакаат независна Каталонија.

Во секој случај во игра се големо его, желба за престиж и големи пари. Времето ќе покаже која теорија е всушност најблизу до реалноста.