Продолжуваат напорите за спас на рисот на Јабланица

893

Екологистите и ловните друштва од крајниот југозапад на земјава прават напори да се спаси еден од најубавите и најзагрозените животински видови во регионов, рисот. Иако на планината Јабланица, оваа дива мачка веќе почнала да се размножува по природен пат, сепак опстанокот на видот сè уште се доведува во прашање. Потребни се поголема посветеност и мониторинг да се спречи криволовот и намалувањето на пленот, што се најсериозни причини за истребување на рисот, велат екологистите и претставниците на ловните друштва.

Ловните друштва од регионов во соработка со Македонското еколошко друштво (МЕД) интензивно работат на програмата за зачувување на еден од најубавите и најзагрозените животински видови во регионов, рисот.

– Рисот повеќе пати е снимен на нашите ловни терени, поставуваме камери и се снима. Видете рисот е пред сè забранет за лов, мислам дека е 30.000 евра казната за излов на рисот и 15 години затвор – објаснува Дарко Чочорски од ловечкото друштво „Црн камен“.

Според многу експерти, опстанокот на рисот сè уште се доведува во прашање. Податоците говорат дека има само 50 возрасни единки во целиот Југозападен Балкан. Во државава има најмногу, можеби 30-40 возрасни единки, додека ситуацијата во Албанија и на Косово е навистина критична. Најмногу рисови во земјата има во националниот парк „Маврово“.

Во реализацијата на проектот за зачувување на рисот, ќе помогне и општина Вевчани која покрај ова, директно учествува и во неколку други проекти за заштита на природните споменици, меѓу кои планината Јабланица и Вевчанските извори.

-Во околината на Вевчани е сликан рис, најјужно во Европа, што е многу значајно. По информации од ловното друштво, мечки има многу, тоа е многу интересно, бидејќи шумата е зачувана многу ,со години не се направила сеча, од 1997 година не се направила никаква сеча. Експертите имаат нотирано дека тука постојат и прашуми, кои се влезени во строга заштита и мислам дека така ќе остане и после овие проекти – вели градоначалникот на Општина Вевчани, Сашо Јанкоски.

Одлуката Јабланица да стане национален парк, ќе значи заштита на нејзините ретки природни богатства, кои масовно се експлоатираа, но и крај за неконтролираното искористување на планинските ресурси велат екологистите. Одлуката беше прифатена од градоначалниците на општините Струга и Вевчани.

Планината Јабланица е дел од Балканскиот зелен појас, односно од Европскиот зелен појас, и претставува важно подрачје за мечката, волкот и за рисот.