Кинезите кои и натаму ги зајакнуваат своите вооружени сили во Јужнокинеското море, претставија два нови разурнувачи од типот “052D”, усовршена верзија на “052C”.
Кинеската народноослободителна армија во овој момент располага со 20 такви воени бродови вооружени со дури 256 крстосувачки ракети. Новите воени бродови имаат 64 вертикални лансирни ќелии кои можат да понесат од една до четири ракети.
Меѓу ракетите се наоѓа и „најсмртоносната противбродска крстосувачка ракета PLA (ASCM), вертикално лансирачката YJ-18 ASCM“, откриваат кинеските медиуми.
„Кина веќе располага со 20 разурнувачи од типот “052D”, од кои некои веќе се користат, а останатите наскоро ќе бидат пуштени во употреба“, пренесува „Глобал Тајмс“.
Извори од кинеската армија откриле дека токму овие два типа на бродови ќе бидат главните компоненти на кинеската флота на разурнувачи. Пекиншкиот воен аналитичар Џоу Ченминг, меѓутоа смета дека производството на новите вакви воени бродови во иднина би можело да се забави.
„Оваа година е достигнат врвот, затоа што одлуката за изградба на најголемиот дел од овие бродови беше донесена пред Си Џинпинг да дојде на власт и да ги започне своите воени реформи. Кина ја проширува флотата на воени бродови, меѓу другото и поради ниската цена на челикот, но сега тоа можеби ќе оди со бавно темпо“, додаде тој.
Кинезите најавија и интензивирање на обуката за управување на посадата за сите да го следат напредокот во областа на хардверот.
За споредба, американскиот разурнувач „Арли Берк“ преминува 4,400 наутички милји со брзина од 20 чворови, а “052D” има ист домет, а се движи со брзина од 15 чворови. Американскиот разурнувач тежи 9,800 тони, а кинескиот 7,500 тони. Исто така, американскиот разурнувач има предност во вооружувањето, затоа што има 96 вертикални лансирни системи, за разлика од 64-те на кинескиот брод.