Од ПМ 10 ќе се спасуваме со поевтино ДДВ за парно и со субвенции

841

Парното греење за скопјани ќе поевтини бидејќи Владата многу брзо ќе донесе одлука да се намали ДДВ-то за ова услуга од сегашните 18 на 5 проценти. Ова го најави заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули како една од мерките за намалување на аерозгадувањето во метрополата содржани во Програмата на двегодишниот “План за чист воздух” што помина на последната владина седница.

– Врз основа на завршена анализа ќе биде донесена одлука ДДВ-то за испорака на топлинска енергија да ја намалиме од 18 на 5 проценти со цел да го стимулираме приклучување на што поголем број корисници на градската топловодна мрежа која ќе ја прошириме. Целта ни е, по две години да имаме 10.000 домаќинства кои ќе бидат приклучени кај топловодниот оператор, а тоа значи почист воздух – рече Макрадули.

Тој нагласи дека анализите покажуваат оти загадувачи број еден и два се затоплувањето и транспортот и затоа ќе се почне со промена на системите за греење во јавни установи, како градинки и училишта. Мерки ќе има и во сите други сегменти поврзани со заштитата на животната средина – индустрија, урбанизација, градежништво, стимулирање на изградба на зелени површини, менаџирање и третирање на отпадот, инспекција.

– Двогодишниот план предвидува 20.000 домаќинства да ги променат старите нееколошки печки на дрва, 15.000 семејства да ја подобрат енергетската ефикасност на своите домови, 3.000 домаќинства да бидат приклучени на гас, 20.000 домаќинства да користат инвентор клими за затоплување. Додека околу 2.000 социјално-загрозени домаќинства ќе бидат субвенционирани да го променат начинот на греење. Со ова сакаме по две години да нема ниту едно домаќинство што ќе се грее на јаглен, нафта или кокс – рече Макрадули.

Тој потсети и на ригорозна примена на еколошки налепници за возилата и за набавка на хибридни возила, контролиран сообраќај во централното градско подрачје и на посебен сообраќаен зимски режим во градот кога концентрациите на загадувачите честички се многу високи.

– Ќе се воведува пилот училишни автобуси, промена на начинот на достава од страна на курирските служби со државни возила кои загадуваат, ќе го стимулираме велосипедскиот сообраќај. Кај големите индустриски капацитети ќе го подобриме системот за доделување на еко дозволите, а итно и ќе го реализираме планот за зазеленување на градот со средствата што се компензација од изградбата на гасоводот на Водно. Доколку овие и други мерки што се наведени во планот се реализираат, за две години загадувањето на воздухот во Скопје да се намали за 50 отсто, а во другите градови во државата помеѓу 30 и 50 проценти – потенцира Макрадули. кој соопшти дека борбата со аерозагадувањето ќе биде стратешки приоритет во 2019 година.

За таа цел за првпат е обезбеден и посебен буџетски фонд за првичните активности од 98 милиони денари (1,5 милион евра), што ќе бидат дополнување на оние околу 20 милиони евра што ги има во одредени ставки од буџетите на министерствата за Транспорт и Врски, на Економија и за Образование. .Тој истакна дека овој план е основа за организирање на донаторска конференција до крајот на годинава, за што веќе пристигнуваат првите поддршки од меѓународни финансиски организации.