Обвинителката Фетаи: Бонусите се речиси исти колку патните трошоци на пратениците

705

Пред денешното рочиште за случајот „Монструм“, обвинителката Фатиме Фетаи проговори за платите и бонусите на обвинителите од Специјалното јавно обвинителство.

Според Фетаи, за платите и бонусите на вработените во Специјалното јавно обвинителство јавноста знаела уште пред три години, меѓутоа тогаш никој не се побунил.

„Платата на обвинителите во СЈО беше 1,300 евра, односно за 300 евра повисока од обвинителите во другите обвинителства. Но, ние за таа плата постапувавме пред Основните, Апелационите и Врховниот суд“, изјави Фетаи.

Меѓу другото, обвинителката Фетаи нагласи дека износот на надоместоците бил одредуван со одлука на специјалниот обвинител, а иако за бонусите се знаело од 2016-та година, никој тогаш не реагирал.

„Генерално, секој обвинител примил околу 22 илјади евра, што не е многу далеку од примањата за патни трошоци кои ги имаат некои пратеници“, изјави Фатиме Фетаи.