Македонија оди на СП во група за мерак!

288

Македонската ракометна репрезентација ќе заигра на Светското првенство (СП) во Египет, чиј почеток е закажан за денес, а веќе ги знае и противниците во групата Г, каде што нашите ракометари ќе настапат на местото на Чешка, која се откажа од големото натпреварување.

Прв противник ќе ни биде Шведска, која има проблеми со Ковид-19 и со голем број првотимци и стандардни репрезентативци откажани уште пред подготовките. Тој меч се игра в четврток, од 20.30 часот, а останатите две репрезентации кои ќе се соочат со нашите ракометари се Египет и Чиле.

Со домаќинот ќе се соочиме на 16 јануари, а последен противник ќе ни биде Чиле на 18 јануари. Ако се потсетиме дека во минативе десет дена двапати го совладавме Чиле со подмладена репрезентација, без Кире Лазаров, Стојанче Стоилов, Дејан Манасков….доаѓаме до заклучок дека ова е група во која пласманот понатаму е речиси сигурен.

Во втората фаза ќе се пласираат првите три селекции од секоја група, па практично победа со Чиле ќе биде доволна за тоа. Меѓутоа, секој освоен бод со останатите ќе биде добредојден, бидејќи ниту во главната фаза задачата не изгледа тешко.

Се вкрстува со групата Х, каде што се Словенија, Белорусија, Русија и Јужна Кореја, па оптимистите можат да видат и бодови за Македонија и шанси дури и за четвртфиналето.