Македонија ќе напредува на ФИФА-листата: За четирите бода – скок од две места!

126

Македонската фудбалска репрезентација после освоените четири бода на стартот на втората сезона од Лигата на нации ќе напредува за две позиции на првото рангирање на Светската фудбалска федерација (ФИФА) по декември лани и црвено-жолтите ќе се најдат на делба на 66-то место на светот.

Македонија ја победи Ерменија со 2-1 во Скопје, а ремизираше со Грузија 1-1 во Тбилиси во првите два меча по десетмесечна пауза, колку што практично трае и паузата во рангирањето и никаквите поместувања на ФИФА-листата, предизвикани од неактивноста на репрезентациите поради пандемијата со коронавирус.

После четирите бода, како залет за октомврискиот историски меч со Косово, Македонија сега со 1.351 рејтинг-поен ќе скокне за две позиции на 66-то место и истото ќе го дели со Албанија и со Саудиска Арабија, кои имаат исто така ваков рејтинг. Македонија на 8 октомври го игра клучниот и историски меч од полуфиналниот бараж со Косово, меч на кој ќе треба да се потврди капацитетот на оваа селекција и во ноември потоа на госту во Грузија или Белорусија да ја бркаме визата за историски настап на Евро 2020 идното лето.

Грузија исто така ќе скокне за две места по четирите бода месецов на стартот на новата сезона во Лигата на нации, па сега ќе биде 89-то пласирана, Ерменија ќе напредува за едно место на 101-та позиција, додека Естонија ќе запише пад за четири места на 108-та позиција.

На врвот на листата, Португалија ќе влезе во топ пет со скок од две места, а во најдобрата десетка пад ќе има само Хрватска од две позиции на осмото место. Во топ десет Белгија е прва пред Франција, Бразил, Англија, Португалија, Уругвај, Шпанија, Хрватска, Аргентина и Колумбија. ФИФА официјално ќе ја објави ранг-листата на 17 септември.