Како влада, ќе направиме сѐ што е можно, сѐ што е во наши раце, со преговарачки, дипломатски и политички средства, со контакти за да се смени оваа негативна разврска за земјата по Договорот, тоа е наша обврска, вели одговорниот за надворешна политика во Нова демократија, Јоргос Кумуцакос, говорејќи за грчката телевизија „Антена“.
Во утринското интервју, пратеникот од грчката опозициска партија рече дека нема шанси Нова демократија да го поддржи Договорот меѓу Македонија и Грција и нема да гласа за него, кога ќе дојде во парламентот.
– Доколку и кога ќе стане влада, Нова демократија ќе направи сѐ, сѐ што има на располагање, со секое дипломатско и политичко средство, за да смени и да намали се што е негативно во договорот, порача Кумуцакос.
Коментирајќи го Договорот, тој рече дека владата „во најдобри можни околности, донесе најлош можен договор“ и објасни зошто тие сметаат дека Договорот е лош.
– Комбинацијата на името Северна Македонија со прифаќање македонски јазик и македонска националност, оваа комбинација е експлозивна. Тоа навистина е основа на еден нов иредентизам. Зошто? Бидејќи постои една Северна Македонија и очигледно и Јужна Македонија, во очите на Скопјаните, не во нашите очи, за нас постои една Македонија. Комбинацијата дека постои една јужна Македонија и Македонците се таму, сфаќате дека комбинацијата е експлозивна, нема потреба да навлеземе во други работи, само ова е доволно, објасни Кумуцакос.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, одговорниот за надворешна политика во најголемата грчка опозициска партија, повикувајќи се на објавените изјави од европски функционери и на поранешниот пратеник во Независни Грци, Димитрис Каменос, рече дека владата можно е да преговарала за да добие нешто во замена и дека тој лично не може и не сака да поверува дека владата „за да земе нешто малку за долгот, даде нешто големо за нацијата“