ЈСП ќе ги замени кинеските и украинските автобуси со нови

956

Квалитетот на сегашниот возен парк на јавното сообраќајно претпријатие воопшто не ги задоволува потребите на граѓаните, кои секојдневно мака мачат да стигнат до која било дестинација. Само седум години по набавката на новите украински и кинески автобуси, состојбата со возилата е очајна. Уште поочајни се патниците, кои сега мораат да се возат во старите зглобни и единечни автобуси, на кои веќе имаа заборавено. Од ЈСП не кријат дека нископодните автобуси набавени од Украина се во многу лоша состојба, додека, пак, постои проблем и со кинеските двокатни, пред сѐ поради непостоење на нивен овластен застапник, па автоматски не постои можност за сервисна и техничка поддршка во секое време.

Од таа причина на линиите каде што тие ќе застанат, се пуштаат старите зглобни и единечни возила. За да се обезбеди подобар квалитет на јавниот градски превоз веќе се најавува набавка на нови автобуси, на кои, пак, ќе имало дури и држачи за велосипеди. Во една своја изјава за алтернативен транспорт, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, напомена дека во постапката за набавка на новите автобуси предвидуваат автобусите да имаат и држачи за велосипеди. Граѓаните се шегуваат дека некои од возачите на ЈСП и сега ги оставаат патниците и им ги затвораат вратите пред нос, а не пак да ги чекаат да ги закачат своите велосипеди. Додаваат дека и нископодните автобуси кога се купуваа се зборуваше дека ќе имаат коси рампи, кои одлично ќе им дојдат на инвалидизираните лица, па со количка лесно ќе можат да влегуваат во автобус. Некои граѓани што со години користат јавен градски превоз велат дека досега не виделе некој од возачите да притисне на копчето за спуштање на косата рампа и којзнае зошто не се користат.

Колку пати на мајките со бебиња во колички им помага некој да се качат или да се симнат од автобус, само затоа што ниту еден возач не го користи копчето за спуштање на косата рампа. Можеби и тие се расипани, како и автобусите што секојдневно се расипуваат.

– Некои возачи на ЈСП немаат мера во својата дрскост. Секој ден се возам во автобус и што сѐ не гледам. Најсвежо, пред некој ден не застана на автобуската станица кај МНТ, а жената што чекаше на станицата дојде до возилото што беше заглавено во сообраќајна колона, тропајќи му на вратата да ѝ отвори, а тој не само што го повиши тонот туку ѝ кажа и вулгарни зборови. Таа само се повлече и остана да чека друго возило на таа линија. Колку пати некој ќе трча по автобус и пред нос ќе му затворат врата, а не пак возачите ќе чекале некого да го закачи велосипедот – вели скопјанката Жане Трајчева.

Какви ќе бидат новите автобуси и од каде ќе бидат набавени уште не се знае, но веќе неколку месеци по скопските улици сообраќаат еколошки автобуси, односно електрични и на гас. Пробно се возат од мај, за да се утврди кои ќе бидат подобри за нашите услови. Од ЈСП велат дека анализите од тест-периодот, кој сѐ уште трае, покажале дека автобус на гас е најсоодветен за нашиот јавен превоз, генерално од сите аспекти. Веројатно и такви ќе бидат набавени, но тоа не го истакнуваат. Најпрвин беше најавено дека ќе бидат набавени 30-40 нови автобуси, но ги прашавме во претпријатието да ни кажат до каде е постапката за купувањето на новите автобуси и се знае ли од каде ќе бидат купени, од која земја, од која фирма и колку ќе чинат. Оттаму информираат дека допрва ќе се распише тендерот.

– Постапката е во тек, поточно при крај е процедурата за задолжување на ЈСП – Скопје пред меѓународна кредитна институција. Таа ќе го распише тендерот за набавка на возилата.

 

Колку возила, по која цена, од која фирма, од која земја, во колкав временски период ќе се испорачаат, динамиката на испораката и слично, ќе се знае по завршувањето на тендерот, всушност, тој практично ќе даде одговор на поголем дел од прашањата. Кредитот за набавка на новите автобуси ќе го отплаќа ЈСП – Скопје – велат од претпријатието.