Гневен напад на Каракачанов врз Заев и Мицкоски

126

Освен што ги нападна Заев и Мицкоски дека и го честитале празникот Свети Сава на српската заедница, Каракачанов лажно тврди дека Софија му испорачала вакцини на Скопје. И уште дека Заев и Мицкоски страдаат од Стокхолмски синдром во однос на Србите

Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачов, ги стави на иста страна двајцата големи политички ривали во Македонија, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, гневно обвинувајќи ги зошто на српската етничка заедница и го честитаа националниот празник Свети Сава. Во својот бесен пост на Фејсбук за односите на Македонија и Србија, тој дури и тврди дека Софија му испратила вакцини на Скопје за Ковид-19, иако според изјавите на министерствата за здравство во двете земји такво нешто досега не се случило.

Од македонското Министерство за здравство изјавија дека не е стигната ветената донација од Бугарија, а од Софија потврдија дека „таква испорака не е направена“.

Во некаква жал за тоа зошто воопшто на Србите во Македонија треба да им се честита Свети Сава, Каракачов на Фејсбук напиша: „Кој рече дека политичката елита на Република Северна Македонија нема консензус за која било тема? Премиерот Зоран Заев, заедно со лидерот на опозициската ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и го честитаа на српската заедница во нивната земја српскиот празник – Денот на Свети Сава и дури Заев најави дека ќе се гради српски културен центар во центарот на Скопје и најави враќање на наставните програми за српски јазик и култура во училиште укинати за времето на Груевски.

За да не остане поназад  ’вмровецот‘ Мицкоски се пофали дека токму неговата партија го вовела овој српски празник пред години… Да се смее човек или да плаче“.

Писанието полно со историски реминисценции и неточни тврдења Каракачанов во обраќањето до „пријателот Заев и колегата Мицкоски“ го завршува со зборовите:

„За жал, сегашната политичка елита во Скопје претпочита да ги слави џелатите на својот народ. Колку чудна балканска варијанта на Стокхолмскиот синдром. Или поточно, се чини дека е белградско-московски синдром,

На мојот пријател Заев, колега на Мицкоски,

Ние ви испративме вакцина против ковид, но нема вакцина или лек за Стокхолмскиот синдром“.

Претходно, Каракачанов во писанието се обидува да ја одредува и македонската политика и нејзините односи со соседите, па прашува дали со отворањето на српскиот културен центар „ќе се паметиокупацијата во 1913 година на тогашна Вардарска Македонија од страна на Кралството Србија? Затоа што ние, Бугарите, сме уморни од слушање глупости за т.н. ’Бугарска окупација‘“.

Па го навредува Мицкоски: „Колега Мицкоски, за тебе знам, тоа не тие ’доволно‘, ти сакаш уште посилно да викаш ’И по Тито – Тито‘“.

Па редица други приказни, како на пример дека Кресненското востание било кренато во 1878 година затоа што Македонците (т.е. Бугарите) не биле задоволни од тоа што Берлинскиот конгрес ги поништил одлуките на мирот во Сан Стефано меѓу Русија и Турција и им било оневозможено да живеат во иста бугарска држава.

И поставува, како што вели „едно реторичко прашање“

„И зарем не е пологично во Македонија, освен националниот празник на Србија, да се слави националниот празник на Бугарија – 3 март? Сепак, тоа го означи ослободувањето и на Бугарија и на Македонија во рамките на една држава“.

Во едно потсмешливо обраќање кон „колегата“ Мицкоски тој го омаловажува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и неговата бугарска партија ја претставува како единствен наследник на историското ВМРО и предлага македонската партија да се вика само ДПМНЕ – „ДПМНЕ ви е сосем доволно“, вели тој.

Кога ќе се остави настрана оваа националистичка и историска тирада целата работа се сведува во грубо мешање во внатрешните работи на една одржава од еден висок функционер на соседна земја – дури и вицепремиер на владата, со јазик кој е на работ на говор на омраза и кој се обидува да го одредува редот на настаните и политиките во Македонија.

Потоа, навистина, дали човек да се смее човек или да плаче кога Каракачов лажно тврди дека Софија испорачала вакцини во Скопје, затоа што такви вакцини во Македонија нема. Всушност, во Македонија засега нема никакви вакцини. Двајцата министри за здравство на Бугарија и Македонија, Костадин Ангелов и Венко Филипче, во декември во Софија потпишаа меморандум за испорака на одредена доза вакцини за нашата земја. Според прес-центарот на бугарското министерство „вакцините против Ковид-19 за Македонија ќе бидат испорачани кога ќе бидат задоволени потребите на бугарските граѓани. Во овој момент, нашата земја не е во ваква ситуација“.

Навистина, Бугарија не е во таква ситуација затоа што има кусок од вакцини во сите земји на ЕУ поради намалената испорака на производителите. Од друга страна многу мал број Бугари се вакцинирани досега – едвај 33.000. Најавата од Србија дека ќе и испорача на Македонија симболични 8.000 дози од вакцината на „Фајзер“ веројатно допрела до нервот на Каракачанов, па им се нафрли на Заев и Моцкоски меѓу другото и со лажното тврдење дека Бугарија веќе испорачала вакцини во Македонија.