Гаши: Прво гаранции за Македонија дека по внесувањето на Бугарите нема да има ново вето, па уставни измени

155

Политички договор, па отворање на Уставот – прво гаранции за Македонија дека по внесувањето на Бугарите нема да има ново вето, но Собранието е спремно веднаш да го почне процесот за измени во највисокиот правен акт. Претседателот на Собранието, Африм Гаши тврди дека државниот врв многу сериозно пристапува кон македонските евроинтеграции и се труди да обезбеди гаранции за историјата и за идентитетските прашања.

  • „Јавноста ги знае ставовите на политичкото мнозинство во државата. Што се однесува до Собранието, веднаш штом ќе има политички договор, ние сме спремни да ја почнеме процедурата. Мислам дека имаме две третини, тој процес во Собранието мислиме дека многу лесно ќе помине и ќе го реализираме, но зависи од политичкиот момент“, рече претседателот на Собранието, Гаши.

На брифинг со новинарите, се отвори и темата за законот за јазиците, за кој се чека на Уставниот суд. Според Гаши одлуката, каква и да е, нема ништо да промени зашто и досега овие    одредби не биле применувани во пракса.

  • Не сме разговарале за тоа бидејќи тоа е работа на Уставниот суд. Мислам дека не треба да прејудицираме. Треба да почекаме и да видиме што ќе преземе Уставниот суд, а вие знаете дека одлуките на судот се конечни. Во нова евентуална ситуација за која се надевам дека нема потреба, доколку се случи, ќе разговараме“ рече Гаши.

Според Гаши, лидерот на Левица, Димитар Апасиев има сторено тешка повреда на Етичкиот кодекс со последниот инцидент минатата недела во кој ги пцуеше пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Парична казна не може да му биде изречена, но може да добие јавна опомена дека не се однесувал етички на собраиска седница доколку некој негов колега го иницира тоа. Тоа досега, не било направено иако бевме сведоци на бројни скандали во претходниот состав, коментира Гаши.

На брифингот, спикерот информираше и дека Собранието ја зголемува транспарентноста со е-регистерот преку кој невладиниот сектор ќе може да учествува во дебатите за законите. Законодавниот дом ќе се доближува  и до граѓаните – досега се отворени 32 канцеларии во дел од општините каде секој петок пратениците ќе разговараат со граѓаните.    

https://youtube.com/watch?v=ASWoO7cvw7g%3Ffeature%3Doembed