Џенова на Пандев го сака Игор Ангеловски за нов тренер!

642

Угледниот италијански новинар Алфредо Педула, кој се занимава со трансфери на „чизмата“, пренесе сензационална вест.

Имено, Џенова нема да го задржи сегашниот предводник Давиде Балардини, чиј договор автоматски се продолжи по опстанокот во лигата. Сепак, односите меѓу него и управата не се сјајни и многу веројатно ќе ја напушти позицијата шеф на струката во Џенова.

Педула пренесе дека првиот човек на клубот, Енрико Прециози веќе размислува за алтернатива, а прво име кое го посакува за клупата е селекторот на Македонија, Игор Ангеловски. 45-годишникот, кој ја одведе нашата репрезентација до историски успех и пласман на Европското првенство, доби „на цена“ и не би требало да има проблем за нов ангажман ако го напушти кормилото на Македонија.

Прециози со сите сили се бори да го натера Горан Пандев да остане барем уште една сезона во Џенова и да не се пензионира, а евентуална аквизиција на Ангеловски може да биде пресуден момент. Популарниот Мрме во кариерата, освен македонската селекција, го водеше и Работнички, каде што работеше и како спортски директор во клубот. Одамна се шпекулира дека Ангеловски ќе замине од селекторското место, ама повеќе околу тоа ќе биде познато по Европското првенство. Доколку добие шанса да ја води Џенова, тоа ќе биде сериозен исчекор во неговата тренерска кариера.