По разрешувањето од функцијата директор на струшката Општа болница, доктор Мухамед Асани преку фејсбук-статус се обрати до јавноста, во кој тврди дека одговорно ја извршувал својата работа и оти совеста му е чиста. Во однос на обвинувањата за извадени органи на пациентка од Дебар, гинекологот посочува дека таа своерачно потпишала дека се согласува со царски рез и можните ризици и дека бубрегот и го отстраниле хирурзи кои биле на операцијата.
До денеска не се изјаснив, не затоа што немав што да коментирам или затоа што совеста не ми е чиста, како што и мислеа некои луѓе. Сето тоа го направив во почит на одлуката на соодветните установи. Иако против мене имаше толку обвиненија со цел да ми го уништат авторитетот, сепак мислев дека првично својот став треба да го кажат соодветните одговорни институции. Но сфатив дека во дел од јавноста ова е погрешно сфатено, вели Асани.
Тој обвини дека дел од порталите воделе кампања против него, не како лекар, туку како директор на Општа болница – Струга, функција која ја извршува повеќе од една година.
Во однос на случајот со пациентката од Дебар, наведува дека била примена во болница и направена и била предоперативна подготовка по протокол.
Беше втор царски рез кај пациентката и, нормално, како по секој оперативен зафат, ризикот и можноста за компликации се зголемуваат во секој нареден зафат. На пациентката детално и е објаснета операцијата, ризиците, интра и постоперативните компликации и таа свесно со своерачен потпис се согласила. Постоперативно пациентката беше под надзор секој ден од дежурните екипи (двајца лекари специјалисти гинеколози – акушери и четири сестри акушерки), кои констатирале дека пациентката секој ден била стабилна, пишува Асани.
Петтиот постоперативен ден, според него, состојбата на пациентката се комплицирала (интраабдоминална хеморагија), хеморагичен шок, животозагрозувачка состојба ако не се интервенира навреме и брзо.
Итно влеговме во операциона сала екипа од двајца гинеколози, двајца хирурзи и двајца анестезиолози, секој работејќи на својата област. После една екстремно тешка и вонредна работа, која траеше цели осум часа, успеавме да и го спасиме животот на пациентката. Сакам да нагласам дека гинекологот не вади бубрег. Бубрегот е изваден од страна на хирурзите, кои во моментот имале индикација за тоа, зашто само на тој начин можело да го спречат крвавењето кое потекнувало од таму (сето ова е документирано), пишува довчерашниот директор на Болницата во Струга.
Тој нагласува дека се соочиле со многу тешка операција, која се прави во специјализирани клиники, но оти со голема посветеност и упорност од целата екипа, завршила успешно. Потоа пациентката била препратена во КАРИЛ за интензивен мониторинг и понатамошна евалуација.
Вели дека интервенцијата била извршена професионално и тоа позитивно била оценето уште при приемот на пациентката на КАРИЛ, а потоа и од комисијата формирана од Лекарската комора.
По деталната анализа за случајот, донесена е одлука: Не е констатирано ниту еден прекршок во тек на инервенцијата, не е најдено никаква лекарска грешка и секој чекор бил по медицинските протоколи, пишува Асани.
Вели дека со својата посветена работа повеќе од 30 години докажал дека не е несовесен лекар и оти го жртвувал времето за семејството за да биде во служба на секој што имал потреба од него.