Ангеловски ја кажа вистината за Јаховиќ и Кулушевски!

70

Игор Ангеловски, селекторот на македонската фудбалска репрезентација, беше гостин на ТВ Алфа во емисијата „Заспиј ако можеш“ во која зборуваше на повеќе теми, меѓу нив беа и Дејан Кулушевски од Јувентус и Адис Јаховиќ.

Кулушевски е роден во Стокхолм, има македонско потекло, ама реши во иднина да игра за Шведска. Ангеловски потенцира дека имал состаноци со фудбалерот и неговиот татко, ама одлуката била да се носи дресот на „трите круни“.

„Дејан Кулушевски на 16 години и шест месеци настапи во селекцијата до 17 години. Во Охрид имав состанок со него и неговиот родител и дадов понуда да игра за Македонија. Во тој момент мислеше дека е некој несериозен предлог, но јас бев толку упорен што му кажав дека ќе ја испратам поканата до Аталанта за да игра за Македонија.
Неговиот татко беше дециден дека сака да игра за У19-репрезентацијата на Шведска која тогаш се избори за пласман на Европско првенство и дека по тоа ЕП може да разговараме. Потоа имавме пак состанок, му гарантирав место во А-репрезентацијата, но добив одговор дека неговата одлука е да игра за Шведска
Јас како селектор го направив она што требаше да го направам, на многу рана возраст му понудив да игра за Македонија, пред да биде она што е денес, но тоа е негово право да одбере и да донесе одлука онака како што се чувствува“, раскажа Ангеловски.

Адис Јаховиќ, пак, долго време игра во одлична форма во Турција, во ланската сезона во Суперлигата беше меѓу најдобрите стрелци, арно ама во националниот тим се нема појавено уште од 2017 година, кога се најде во составот за мечевите со Италија и Лихтенштајн, ама ги преседе на клупата.

„Ако веќе се прашува за Адис Јаховиќ, тој е фудбалер на кого јас како селектор му ја симнав суспензијата затоа што имаше инцидент кај претходните селектори, односно учествуваше во тепачка со Даниел Георгиевски и доби суспензија од тогашниот селектор. Јас како селектор ја симнав суспензијата и му дадов можност за поправен.
Доби можност на натпреварите на кои сметав дека треба да добие и на натпреварот со Италија во Торино не влезе во игра, а потоа имавме меч со Лихтенштајн во Струмица. Пред мечот дојде кај мене и ми рече дека сака да ја напушти репрезентацијата затоа што мисли дека треба да се посвети на клупскиот фудбал и дека сака да го отстапи местото на помладите. Јас му кажав дека е рано за такво нешто и дека е потребен во репрезентацијата, но ако е тоа негова одлука, мислам дека е погрешна, ама дека ја почитувам. На натпреварот со Лихтенштајн дојде, а во 75. минута откако беа направени замените, своеволно ја напушти клупата и со родителот си замина за Скопје, па објави дека нема да игра за репрезентацијата.
На прес-конференцијата му кажав дека му благодарам за тоа што го направил за Македонија, за сите голови и настапи и однос кон сите фудбалери. Зошто не игра во репрезентацијата, треба да се обратат сите кај него. Јас само дадов појаснување“, гласеше обраќањето на Ангеловски на оваа тема.

Кулушевски со големи успеси во моментов игра за Јувентус, додека Адис Јаховиќ е член на Анталијаспор. Кога последен пат играше за репрезентацијата, 33-годишниот напаѓач го носеше дресот на Гезтепе, а зад своето име има 15 меча и 3 гола.