Продолжуваат судирите во Нагорно-Карабах, а азербејџанската армија и ноќеска ја ракетираше престолнината на републиката, Степанакерт.
Ерменските и азербејџанските власти денес потврдија дека нивните министри за надворешни работи ќе опатуваат во Москва на преговори, соопштија од руското Министерство за надворешни работи.
Повик на преговори за решавање на судирот во регионот Нагорно-Карабах упати и рускиот претседател Владимир Путин.
„Баку и Јереван потврдија дека ќе учествуваат на преговорите во Москва. Подготовките се во тек“, изјави портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Додека судирите на Кавказот траат, Ерменија е во дипломатска офанзива, а премиерот Никол Пашињан очекува Франција да ја признае независноста на Нагорно-Карабах.
„Очекувам претседателот на Франција да ја признае независноста на Нагорно-Карабах. Претседателот на Франција е загрижен поради ситуацијата и нема друго решение, затоа што се останато може да прерасне во хуманитарна катастрофа“, изјави Пашињан.
Според него, оваа катастрофа може „во поширок смисол да го прошири терористичкиот бран во регионот“.
„Тоа е директна закана по глобалната безбедност земајќи ги како фактори Турција и турската политика. Мое очекување е Франција да го признае Нагорно-Карабах“, изјави Пашињан.