Венецуела започна да го продава своето злато од сефовите на централната банка затоа што оваа јужноамериканска држава веќе подолго време е во тешка економска криза.
Извори од парламентот и владата на Венецуела откриваат дека властите на земјата од сефот во централната банка повлекле 8 тони злато кое ќе биде продадено во странство. Тоа властите од Каракас го прават за да ја подигнат валутата и да се носат со санкциите кои им ги наметна САД.
„Се повеќе изолираната влада на Мадуро се сврте кон резервите на злато како единствен извор на валути“, пренесува британската новинска агенција „Ројтерс“.

Резервите на злато на Венецуела се намалиле за 30 тони од почетокот на оваа година, односно откако Доналд Трамп ги засили санкциите против јужноамериканската земја. Тоа значи дека во банката остануваат 100 тони злато кои вредат нешто повеќе од 4 милијарди долари. Но, со таквото темпо на трошење, резервите на злато би можеле да исчезнат до крајот на оваа година.
Хуан Гуаидо кој во јануари се прогласи за привремен претседател на Венецуела и веднаш беше признат од голем број на земји, настојува да го спречи продавањето на златото од државните резерви.
Покрај тоа, Гуаидо се обидува да ги замрзне државните сметки на Венецуела во странство, а тоа опфаќа и 31 тон злато кои Венецуела ги има во Банката на Англија и чија вредност се проценува на 1,3 милијарди долари.

„Ројтерс“ открива дека голем дел од златото во Венецуела „исчезнало“ пред извесно време кога снемало електрична енергија, па службениците не биле на работа.
„Го преместија златото додека банката беше во вондредна состојба“, открива опозиционерот Анхел Алваро кој што смета дека сега Мадуро златото ќе го продаде во странство.