Заев: Датумот за ЕУ и покана за НАТО потребни мотивирачки пораки

813

Отворање на преговорите за пристапување во ЕУ и добивањето покана за НАТО би дало одлучувачки придонес за успешно спроведување на историскиот договор со Грција и за подобра иднина на македонските граѓани, рече македонскиот премиер Зоран Заев во обраќањето на тема „Кон заедничка европска иднина на Југоисточна Европа – примерот на Македонија“ во австрискиот Институт за меѓународни односи (ОИП) во Виена.

– Македонија направи голем скок напред само за една година, од работ на неуспех кон нашите најголеми аспирации – ЕУ и НАТО. Кога го потпишавме договорот со Грција за решавање на спорот и стратешкото партнерство поместивме планини и не треба да се сомневаме, тоа беше постигнато со нашата чесна желба за подобра сегашност и иднина на граѓаните на Македонија, регионот, Европа и светот, рече премиерот Заев.

Тој посочи дека „чудата се можни кога цврсто веруваме во вредностите“, а тоа, рече, во случајот со Македонија се европските вредности што, како што рече „не поттикнаа да го изложиме целиот наш политички кредибилитет и да бидеме транспарентни, ова е нашиот пат, ние се отвораме кон целата политичка и општествена јавност и затоа напредуваме“.

Новата демократска Влада, рече Заев, по 10-годишен режим, влезе во реформската акција за обнова и развој на демократските вредности, владеењето на правото и правдата, безбедноста на граѓаните и нивната економска стабилност, во обнова на односите со нашите пријатели во меѓународната заедница и во оживување на односите со сите пријатели на Македонија од меѓународната заедница.

– Ние покажавме лидерство во обидот да ги затвориме сите отворени прашања со нашите соседи. Благодарение на истите искрени напори на владите на Бугарија и Грција и зрелоста на земјите од сите земји во Југоисточна Европа, успеавме да испратиме силна порака – дека Западен Балкан или Југоисточна Европа, е Европа, порача Заев.

Тој информира дека договорот е ратификуван, дека ќе се организира референдум на есен и изрази убедување дека македонските граѓани ќе ги поддржат вистинските одлуки“.

Заев потсети дека Македонија го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ во 2001 година, доби кандидатски статус во 2005-та година и првата препорака во 2009-та година, кога остана во “чекалната” за подготовка за преговори за пристап.

– Денес сме подготвени и политички и институционално. Ние сме охрабрени од стратегијата за проширување на ЕУ. Ние ги имплементиравме условите поставени од страна на ЕУ во 2014/2015 година и имаме јасна препорака, рече премиерот Заев.

Тој посочи дека Македонија е лојален и сигурен партнер на НАТО со ангажманот во ИСАФ мисијата во Авганистан, со распоредени над 4.000 војници од 2002 година, дека земјата е посветена на армиските реформи (годишниот буџет се зголемува за 0,2% од БДП), како и на реформски процеси што им носат добро на граѓаните и на Македонија и се засноваат на демократските вредности кои се европско и глобално наследство: инклузивно управување, „едно општество за сите “, систем на добро владеење.

Истакна дека над 75 отсто од граѓаните ја поддржуваат интеграцијата во ЕУ и НАТО, со чиишто членки, како што рече, делиме исти вредности.

Потенцира и дека Република Македонија била во длабока политичка криза во 2015-2016 година, со авторитарен режим, заробување на државата, тензии со соседите и внатрешна поларизација, но оти дека направила квантен скок: од „заробена држава” до подобрување на демократијата.

– Сега сме функционално мултиетничко и мултирелигиозно општество, засновано на силно владеење на правото, земја во којашто граѓаните имаат еднакви права, но и еднакви обврски пред законот. Покажавме дека разликите може да бидат предност, а не пречка. Ние го носиме ова во Европа и ја збогатуваме Европа со традиција и култура. Македонија е мала земја, но голема надеж за Балканот. Ние сме позитивен пример и ги охрабруваме другите да ги удвојат напорите за реформи и да ги надминат споровите, рече македонскиот премиер.

Во граѓаните на Македонија, вели тој, европските граѓани добиваат сојузници во напорите за развиен, стабилен и свет на просперитет во којшто се почитуваат човековите права, што е нашата човечка политичка и човечка должност.

Организатори на дебатата се Институтот и Европскиот фонд за Балканот (ЕФБ) и Балканската советодавна група за политика во Европа.

На настанот присуствуваа истакнати претставници на научната и универзитетска јавност, во политиката, претставници на дипломатскиот кор, студенти, и граѓани од Македонија кои учат или живеат во Австрија.

Премиерот Заев, придружуван од владина делегација, од организаторите слушна значајна порака, дека сакаат да ја видат Република Македонија, како дел од Европската унија и порака дека сега е моментот, по позитивните промени во нашата држава, земјава да отпочне преговори со Унијата.