За Ferrari 250 GTO од 1962 година, новиот сопственик издвоил 48,4 милиони долари

386

На аукцијата која ја организираше куќата “RM Sotheby’s”, еден од 36-те произведени модели Ferrari 250 GTO од 1962 година е продаден за 48.405.000 долари.

Понудениот модел е произведен во 1962 година и е еден од вкупно 36-те произведени примероци. Автомобилот е познат е по победите во своја класа на познатата италијанска трка “Targa Florio” во 1963 и 1964 година, на која во 1962 година го возел и шампионот на Формула 1 – Фил Хил.

Почетната цена на овој примерок со број на шасија 3413, кој Ferrari во почетокот го користеше како пробен автомобил, изнесувала 35 милиони долари, а највисоката понуда на крајот ја дал познат северноамерикански колекционер, кој во својата колекција има неколку извонредни автомобили.

Во својата историја, ова Ferrari 250 GTO учествувало на 20 трки и сите ги завршило без судири и оштетувања. По 50 години, автомобилот и понатаму се движи со помош на оригинален трилитарски V12 мотор и се уште го поседува својот оригинален менувач.

Автомобилот бил во сопственост на Грег Витен кој од 2000 година го користел на најразлични трки во категоријата на класични автомобили, а Грег после аукцијата изјавил дека е многу тажен, но и среќен што неговиот GTO завршил во раце на човек кој беспрекорно внимава на своите автомобили.