Јапонците наредија испраќање на носач на хеликоптери во Јужното кинеско море и Индискиот океан втора година по ред, со цел да го зајакнат своето воено присуство во овој спорен регион.
„Ова е дел од јапонските напори за промовирање на слободата на пловидбата и отвореноста на Индо-Пацификот“, открил неименуван извор од јапонската морнарица кој што бил добро упатен во плановите на официјален Токио.
Носачот на хеликоптери „Кага“ кој што на двомесечната турнеја ќе тргне во септември, ќе сопре на пристаништата во југоисточните азиски земји како Индонезија, Индија и Шри Ланка. Бродот „Кага“ од класата „Изумо“ е долг 248 метри и може да оперира со неколку хеликоптери истовремено.
„Бродот „Кага“ за време на патувањето ќе биде придружуван од уште еден брод од јапонската воена морнарица, а можеби и ќе учествува во воените вежби со воените бродови од другите земји во регионот“, открил неименуваниот извор, пренесува британската новинска агенција „Ројтерс“.
Со растечкото воено присуство на инаку „мирната“ Јапонија, станува јасно дека овој сојузник на САД исто така е загрижен поради агресивното однесување на Кина во Јужното кинеско море, градењето на вештачките острови и покажувањето на сила во регионот кој што една од главните трговски рути, можби и клучни за увозот и извозот и успехот на јапонската и американската економија.
Кинезите тврдат дека нивните намери се мирољубиви, но во суштина полагаат право на речиси половина од Јужното кинеско море и градат воени бази на вештачки изградените острови. Кинезите исто така го зголемија бројот на поморски операции во тој регион, а традиционално истото го прави и САД, испраќајќи разурнувачи, носачи на авиони но и стратешки бомбардери кои го прелетуваат регионот.
Јапонците сепак досега не учествуваа во толку голема мера со цел да не ги испровоцираат кинеските власти, но очигледно е дека ставот и позицијата на Јапонија полека, но сигурно се менуваат.
На делови од Јужното кинеско море право полагаат и Малезија, Виетнам, Филипини, Брунеи и Тајван. Овие води покрај тоа што се важни за транспортот, исто така се многу богати со риба, но и со нафтени и наоѓалишта на гас.