Сигурно сте ја забележале оваа куќа на Кале, дали знаете чија е? (фото)

646

На почетокот на улицата Самоилова на скопското Кале се наоѓа куќата на познатиот уметник Никола Мартиноски. 

Мартиноски е роден е во Крушево во 1903 година, дипломирал на Школата за убави уметности во Букурешт, Романија во 1927 како најдобар студент за таа година. Во 1927 и 1928 година престојувал во Париз каде ги посетува Академи де ла Гранд Шомјер (Académie de la Grande Chaumière) и Академи Рансон (Académie Ranson).

По враќањето во Македонија, освен воведувањето на европските модерни сликарски тенденции карактеристични за Париската школа на овие простори, тој се истакнувал и со својата општествена активност. Мартиноски е иницијатор и раководи со формирањето на Средното ликовно училиште во Скопје, Друштвото на ликовни уметници, Уметничката галерија во Скопје или денес позната како Национална галерија на Македонија, учествува во формирањето на Македонската академија на науките и уметностите, институции кои и денес се основни носечки елементи на македонскиот културен живот. Неговите уметнички дела се наоѓаат во колекциите на повеќе музеи и галерии, како и во голем број приватни колекции во земјата и во странство.

Мартиноски имал повеќе самостојни изложби пред и по војната. Првата изложба била во 1929 во Скопје, а потоа следувале изложби во Белград, Загреб, Љубљана, Париз, Дижон и во други места. Групно излагал во многу европски земји и во земјата со слики, цртежи и графики, како на пример на изложбата „Уметноста на тлото на Југославија“ во Париз во 1971 година и слично. Пред војната изработил и неколку мурали во Скопје.

Во 1906 година семејството Мартин се преселило во Скопје. Градот бил мало турско провинциско гратче во кое, сепак, постоеле знаци на економски, политички и културен живот. Никола Мартиноски го започнал своето образование во романското основно училиште во Скопје (1910), а во средното српско училиште во Скопје (од 1918 до 1920 година) почнал да покажува интерес кон цртањето. Во 1919 година, заедно со Томо Владимирски, работел во ателјето на последниот македонски зограф Димитар Андонов Папрадишки и тука Мартиноски и Владимирски како помошници усвоиле некои знаења од иконописот и сликарството.

Иако по смртта на Коста Мартин во 1919 финансиската состојба на семејството не била добра, Никола Мартиноски успеал да го продолжи своето образование во Букурешт па така од 1920 до 1927 година тој ја посетувал Школата за убави уметности. Ги следел курсевите по цртање, декоративна уметност и сликање, кај професорите Георге Миреа и Камил Ресу, и скулптура кај професор Димитрие Пачуреа. На крајот од школувањето Мартиноски бил награден со прва награда за сликарство. Во Букурешт, Мартиноски го следел и тамошниот богат културен живот.

По студиите, тој за кратко останал во Скопје, каде веднаш зел учество во уметничкиот живот на градот, кој до 1927 година бил сосема неразвиен. Таа година Димитар Пандилов и Лазар Личеноски ги имале своите први самостојни изложби, а заедно со Мартиноски излагале и на една групна изложба.

Престојот во Париз, од 1927 до крајот на 1928 година, е најважниот момент и пресвртница во уметничкиот развој на Мартиноски. Таму тој ги посетувал познатите академии Гранд Шомјер и Рансон. Негови професори биле Роже Бисјер, М. Кислинг и Амаде де ла Пателер.

Мартиноски се вратил во Скопје на крајот од 1928 година. Политичката, општествената и културната состојба во Македонија, во рамките на Кралството Југославија во тоа време била многу лоша. Назадувањето на економскиот и општествениот живот во Македонија (поради големата светска економска криза и кралскиот диктаторски режим, воведен на 6 јануари1929), имало особено негативно влијание врз културата и уметноста.

Сепак, од политички причини, српските власти, кои се обидувале да го денационализираат македонскиот народ, дозволиле одделни научни и културни активности во Скопје кое во тоа време било главен град на таканаречената Вардарска бановина. Тука во триесеттите години, се одржувале групни и самостојни изложби главно на македонски уметници, но имало и гости од другите делови на кралството. Мартиноски имал неколку самостојни изложби во Скопје, а треба да се спомене дека освен првата (1929), сите други (1930, 1931, 1935, 1936, 1938 и 1939) биле организирани од новооснованото друштво на пријателите на уметноста „Јефимија”.

Освен во Скопје, Мартиноски самостојно изложувал и во Белград (1931, 1932) и Загреб (1936, 1937), а учествувал и на повеќе групни изложби во Југославија и надвор од неа (Прага, Софија, Солун или Рим) како член на белградската група „Облик”. Пред Втората светска војна, Мартиноски сликал, цртал, работел на илустрации за книги, а посебно се интересни неколкуте негови ѕидни декорации кои ги изработил во триесеттите години. Една сезона (1939 – 1940) бил и хонорарен сценограф во Скопскиот театар.

Напишал неколку написи за уметничкиот живот во Скопје и редовно се дружел со исклучителни личности од тогашниот културен живот кои со голем интерес го следеле неговото творештво.

 

Сè до неговата смрт Мартиноски бил директор на Уметничката галерија – Скопје, а во 1967 година станал и редовен член на Македонската академија на науките и уметностите. Добил Награда за животно дело (1964) и Наградата АВНОЈ (1967). Во 1968 година, во Крушево, беше основана Галеријата Никола Мартиноски, со повеќе дела кои тој му ги подарил на својот роден град. Мартиноски бил близок со најистакнатите личности од научната, политичката и уметничката сфера.

Имал многу почитувачи и колекционери во Македонија, поранешна Југославија и во странство. Бил креативно активен, сè до неговата ненадејна смрт, на 7 февруари 1973 година.