Се санираат градинките во општина Кисела Вода

287

Активно тече санација на градинките низ Општина Кисела Вода. Од општината информираат дека во објектот “Ѕуница” при ЈДГ “8 Март”, во селото Драчево, се врши бетонирање на пукнатата кровна плоча и се вршат поправки на лимената конструкција на кровот.

– Паралелно, се врши и санација на внатрешен таван во градинката, како и санација на оштетени ѕидни површини. Во тоалетите се врши замена на вентили, замени на дотраени чешми и други поправки и отстранување на дефекти. Во тек е поставување на котел за загревање со биомаса – велат од општина Кисела Вода.

И дечињата од објектот “Пеперутка 1” во населбата Драчево добија подобрени услови за работа. На ова место беа поправени плафоните на влезовите од направени штети предизвикани од поројни дождови. Градежни активности се одвиваа и во објектот “Пржино” при ЈДГ “8 Март”, каде во дел од градинката се изврши поправка на подната подлога, оштетена од поројни дождови пред да се изврши поправка на кровната конструкција.

– За време на санациите во објектите децата се згрижени во други простории во нивните градинки, со цел да им се обезбеди безбеден престој – истакнуваат од општината.