Рис забележан на Шар Планина: Екосистемот заздравува, рисот се враќа дома

319

Огромна радост изминатава недела ни донесе веста дека во Националниот парк Шар Планина беше забележано движење на реткото диво животно „балкански рис“, кое претставува загрозен вид од кој се преостанати помалку од 50 возрасни единки во светот. Снимките од рисот беа направени со видеокамерите кои беа поставени во НП од почетокот на оваа година.

„Воспоставеното следење на дивите животни со фото-замки од почетокот на годината ни даде одлични првични резултати, но последното видео ни донесе и солзи радосници. Возбудени сме да ја споделиме информацијата дека го потврдивме присуството на балкански рис во срцето на Шар Планина, во Лешница“, велат од НП Шар Планина во соопштението за јавноста.

Од Националниот парк потенцираат дека локалитетот Лешница е посебен предел поради бројните карактеристики кои ги прават идеално живеалиште за рисот, кој преферира области со бујна вегетација и повеќе дрвја.

Балканскиот рис (Lynx lynx balcanicus) е наш национален симбол, се наоѓа на монетата од пет денари, но истовремено има и статус на „критично загрозен вид“ според Црвената листа на загрозени видов на Меѓународната унија за конзервација на природата (IUCN). Балканскиот рис од неодамна е вметнат во Бонската конвенција, а С. Македонија и Албанија се обврзаа со здружени сили да го штитат неговиот опстанок, информираат од Македонското еколошко друштво. Предлогот балканскиот рис да биде ставен на Прилог 1 од Бонската конвенција го даде македонската Влада со поддршка на албанската, со што двете земји се заложија да ја заштитат оваа ретка мачка.

Прогласувањето на македонскиот дел од Шара за Национален парк во 2021 година значи дека одеднаш имаме еден огромен континуиран заштитен предел, кој ги обединува НП „Маврово“ и НП „Шар Планина“ во Македонија, НП „Шари“ во Косово и ЗП „Кораб“ во Албанија. Одлуката Шара да се прогласи за Национален парк веќе се покажува како позитивна, со оглед на тоа што резултира во враќање на рисот во овие предели. Ова е само мал доказ за тоа што може да направиме ако решиме да направиме место за работите кои навистина ни се важни и ако гласно и сложно одговораме на сите предизвикувачки прашања кои се поставени пред нас.

Балканскиот рис нема природен предатор, туку тој е во опасност само од човечки причинети закани (пр. ловење и заробување) или пак природни непогодности како што е недостатокот од шума и несоодветна клима. Овој вид на дива мачка претставува наша национална гордост и затоа треба да се грижиме таа да ги добие условите кои ги заслужува.

Мотивирани од иницијативата „Да направиме место за вистински да се поврземе“ на Македонски Телеком, во рубриката „Добри вести“ на Точка ќе споделуваме приказни кои го осветлуваат позитивното, надежното и инспиративното. Да #НаправимеМесто за посветло утре, за повеќе разбирање, емпатија и блискост.