Пратениците да се воздржуваат од пцуење, дофрлување, да не примаат подароци…

757

Без пцуење, дофрлување од место, прекинување на говорниците, гестикуалции,  верска, расна, национална и полова нетрпеливост, омраза и насилство. Вака треба да се однесуваат пратениците кои треба да  ги почитуваат правилата на однесување, правилата кои се однесуваат на спречување на судирот на јавниот и приватниот интерес, забраната на корупција и забраната на примање подароци… се дел од начелата од Етичкиот кодекс што беше изгласан денеска во Парламентот.

Пратениците на 47. седница  едногласно со 84 гласа „за“ го усвоија Кодекс за етичко однесување на пратениците чија цел е да ја зајакне етиката кај пратениците и да ја зголеми довербата во Парламентот како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт. Финалното усогласување на Етичкиот кодекс пратениците од владејачкото мнозинство и опозицијата го постигнаа на првата средба во рамки на Жан Моне процесот во Охрид во мај годинава.

Според Етичкиот кодекст, пратеникот во вршењето на својата функција треба да се придржува кон основните етички начела, да ја извршува својата функција без дискриминација, да се води од јавниот интерес и да ја почитува личноста на секој поединец. Во кодексот се нормираат лесни и тешки повреди на кодексот, за кои се предвидуваат и мерки, како што се: опомена за лесните повреди и јавна опомена за тешките повреди.

Во текот на расправата, Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека текстот на кодексот е добра основа за надградба  на етичките правила во иднина, но оти е еден од идните чекори на патеката од повеќе километри.

Според Димовски, клучно за тоа дали овој парламентарен состав има капацитет и сила да си ја сфати улогата и поимот што треба да работи, ќе биде дали и какви измени на Деловникот и на изборното законодавство ќе донесе наесен. Тој уште додаде дека Собранието во целост не си ја извршува уставната улога како највисок државен орган и контролен орган врз извршната власт.

Според координаторот на СДСМ Томислав Тунтев, ова е свечен ден во Собранието затоа што првпат се носи документ како прв чекор кон регулирање на односот на пратениците во Парламентот сами кон себе, кон колегите, кон јавноста и кон институциите.

Тој исто така негираше дека се носат закони по скратена постапка и дека Собранието е гласачка машина. За една година, како што рече, се поднесени 157 закони, од кои 43 во скратена постапка, дел се од Владата, поголем дел се од пратеници, а во шест од нив учествувале и власта и опозицијата. Наспроти тоа од 2010 до 2014 од 907 донесени закони 297 закони во скратена. Во 2015 година опозицијата не беше присутна во Собранието и од 574 закони 339 беа по скратена постаока.

Артан Груби од ДУИ побара, како што надвалдеа духот на консензусот при подготовката на кодексот, така и да се продолжи при носењето на Деловникот, други закони со  двотретинско мнозинство и Планот 18 на Владата.

„Даваме целосна поддршка затоа што кодексот е исполнување на реформска обврска добиена како мнозинство и како парламентарен состав во Собранието и се надевам во истиот дух да го измениме и Деловникот. Поентата е да се превенира каква било можност на влијание врз пратениците“, изјави Груби.

Собранието продолжи со усогласување на измените на Деловникот за работа на Собранието, а претходно беше усвоена и Одлука за испраќање припадник на АРМ во мировната операција на ОН во Либан, како и законот за ратификација на Спогодбата меѓу Владите на Македонија и на Босна и Херцеговина.