Поверојатно е дека еден Русин ќе умре одошто да дочека пензија

478

Рускиот претседател Владимир Путин сака да ја покачи старосната граница за пензионирање на 60 години за жени и 65 за мажи. Во земјата каде мажите во просек живеат 66 години, тоа не е примено со одобрување.

Марина Николаева (53) минатата година останала без работа и не може да пронајде ново работно место затоа што работодавачите бараат помлади.

-Не сакаат да ме вработат поради моите години, вели жената која според постојните закони би требало да оди во пензија за две години, но сега Владата сака да го промени тоа.

Николаева вели дека е категорично против подигањето на старосната граница. – Имам многу пријатели и сите се против, вели таа.

Многу Руси се противат на државниот план да се подигне старосната граница за пензионирање за барем пет години. Претседателот Владимир Путин неодамна на телевизија се заложи за оваа мерка, но призна дека е непријатна.

Рускиот лидер има 65 години и смета дека границата за жените треба да се покачи на 60, а за мажите на 65 години оти Русија има сериозни демографски проблеми, а пензискиот систем е под се поголем притисок.

Бидејќи очекувана животна возраст за Русите е 66 години, се очекува дека 43 отсто нема да доживеат пензија ако се подигне прагот за пензионирање. Очекуваната животна возраст за Русинките е 77 години.

Само едно лице кое разговарало со агенцијата ДПА го поддржува подигањето на старосната граница за пензионирање.

Владимир Николајевич (57), економист по професија, смета дека тоа би му овозможило да работи подолго и да заработи повеќе одошто би му изнесувала пензијата, оти работниците често се принудени да заминат во пензија штом ќе го достигнат старосниот законски праг.

-Го поддржувам кревањето на границата за пензионирање оти тоа ми дава шанса да бидам на пазарот и да продолжам да работам за да заработувам за своето семејство, вели овој жител на Москва.

Рускиот парламент веќе даде прелиминарна поддршка за подигање на возраста за пензионирање од 55 за жени и 60 за мажи. Ако се усвои мерката тоа ќе биде прв пат во 80 години Русија да ја крене границата за пензионирање.

Планот предизвика негодување ширум државата и ја загрози довербата во водството на Путин, како што покажуваат анкетите. Нивото на доверба во него падна од 60 отсто пред половина година на 48 отсто колку што е во моментов, стои во податоците на Левада центар, најголемата независна агенција за испитување на јавно мислење во Русија.