И покрај тоа што новата министерка за надворшени работи на Бугарија Теодора Генчовска тврди дека позицијата на Бугарија пред самитот останува јасна, на примопредавањето на функцијата не навлегуваше во детали за македонско-бугарскиот спор.
Но премиерот Кирил Петков во неговото прво интервју рече дека главен фокус и иден приоритет на министерката ќе биде развивање на дијалогот со земјава и формирање на работните групи.Петков смета дека што поскоро треба да се сретнат со македонските власти, затоа што вели дека нема веќе време за губење.
Но според позицијата на бугарските власти, нема најава дека нешто може да се смени на самитот на ЕУ оваа недела. Веќе е искристализирана позицијата дека Софија дава зелено светло за Тирана, но не и за Скопје.
Но, според последните брифинзи од Брисел, опцијата за поделба на Македонија и Албанија нема да се случи, бидејќи нема поддршка за такво нешто.
Во меѓувреме, како што јавува МИА, Дијалогот Софија – Скопје – Брисел продолжил и денеска, во обид да се усогласи текстот на заклулочите пред утрешниот состанок на министрите за надворежни. Неофицијално кружат информации за компромисни форми на заклучоци, во кои би требало да има временската одредница за отворање на првата меѓувладина конференција оваа година, но истовремено и формулации за почитување на билатералните договори со Грција и Бугарија во духот на доверба.
Она што за Брисел е важно е на овој Самит да има заклучоци за проширувањето, а не како минатиот пат да заврши без резултат.