Кинеските берзи денес предничат со загубите на азиското тргување, додека на европските берзи исто така во тек е пад на акциите, по заканите на американскиот претседател со новите тарифи на кинеската роба.
Во Азија, сите водечки регионални пазари го завршиле тргувањето во остар пад, а во најголем минус се шангајскиот композитен индекс, шенженскиот и хонгконшкиот индекс, пренесува “CNBC”.
Шангајскиот индекс паднал за 3,82 проценти на 2.906,43 поени, шенженскиот за 5,77 проценти на 1.594,05 поени, а хонгконшкиот за 3,08 проценти.
Најавата на новите американски тарифи на кинеската роба во вредност од 200 милијарди долари утрово предизвикала распродажба на акциите на европските берзи, а најголем удар трпат индустријата на автомобили, рударство и технологија.
Главните европски берзански индекси ослабеле за еден до 1,7 проценти, откако Трамп предупредил дека Вашингтон ќе воведе царина од десет проценти на кинеската роба во вредност од 200 милијарди долари, бидејќи Пекинг одлучил да ги зголеми царините на американската роба во вредност од 50 милијарди долари.
Паневропскиот берзански индекс “STOXX 600” ослабел за 1,2 проценти и е најслаб од 26. април, а акциите на ниво на еврозоната опаднале за 1,4 проценти.
Вредноста на германскиот индекс “DAX” е намалена за 1,7 проценти.
Акциите на големите произведувачи на “Daimler”, “Volkswagen” и “BMW” ослабеле утрово за 1,5 до 2,7 проценти. Берзанскиот индекс во автомобилскиот сектор е најслаб во последните седум месеци, откако трговците ги пресметале најавените царини.
Мултинационалниот произведувач на спортска опрема “Adidas” ослабел за 1,9 проценти, а во пад е и индустрискиот конгломерат “Siemens”, како и францускиот произведувач на авиони “Airbus’.
Останатите азиски берзански индекси, во однос на кинеските, забележале помал пад, при што јапонски “Nikei 225” паднал за 1,77 проценти на 22.278,48 поени, а јужнокорејски “Kospi” за 1,52 проценти на 2.340,11 поени.
Јапонскиот јен, како сигурна валута во кризни времиња, забележал скок во вредноста, бидејќи инвеститорите се свртеле кон активи со помал ризик. Јенот се тргувал на ниво од 109,63 јени за долар, во однос на нивото од 110,5 јени за долар.
Трамп вчера дал налог за американскиот трговски претставник да подготви нови тарифи за увоз на роба од Кина, заострувајќи го спорот врзан за политиката на Пекинг кон технологијата.
Ваквиот развој на настаните ги загрижува компаниите и инвеститорите поради можно кчење на глобалната трговија и економски раст, пренесува “AP”.