Кире Лазаров го постигна победничкиот погодок, Никола Митревски бранеше извонредно и имаше 15 успешни интервенции, но рамо до рамо со нив двајца на листата најзаслужни за големата победа дефинитивно беше Стојанче Стоилов.
Борбениот пивот „изгина“ на линијата од шест метри, добивајќи безброј дуели со корпулентните Украинци, кои не најдоа начин да го неутрализираат ова оружје од нашиот напад.
Бројките говорат најдобро, четири гола од исто толку обиди, но покрај тие погодоци зад името на Стоилов останаа запишани и три асистенции, три изнудени пенали, две изнудени исклучувања… како и безброј благовремени стартови во одбраната.
Затоа, за денешниот настап – „капата доле за Супер Столе“.
Македонците, Срби, Хрвати и Босанци на едно место во Виена. Како каде, па на „Балкан Штрасе“, делот од австриската метропола што важи за „Балкан во мало“, каде се пие пиво со „сараевски ќебапи“ и „српски роштиљ“ и се гледа спорт. И се навива за „нашите“, во зависност од тоа која екс-ју република игра, без разлика во кој спорт. Ете, зимава се погоди во групата Б да е само Македонија, па сите обединето ги бодрат „црвено-жолтите“, бидејќи „јужната покраина“ од старата држава секако ја чувствуваат поблиска од Чешка, Украина, па дури и од Австрија, државата каде животот ги има донесено.
„Кире Лазаров“ е институција, за него знае и младо и старо, „од Вардара па до Триглава“. Сите знаат кој ќе ја реши кога ќе биде најтешко, знаат и противниците, но пак не успеваат да го запрат. „А што ќе правите по Киро“, загрижено ќе прашаат „земљаците“ од „Балканштрасе“. Одговорот е: „Ни самите не знаеме, но затоа уживаме сега – додека го имаме“.
Во период на техничка влада во Македонија, во Виена добивме и „технички министер за одбрана“. Никола Митревски, професионалец „пар екселанс“, човек без ниту една дамка во кариерата, кој секогаш бил на висина на задачата кога Македонија сметала на него. И сега кога доби шанса од првиот ден на големата сцена, никој не се ни сомневаше дека ќе одговори на предизвикот.
Салата беше особено убава обоена во црвено-жолто, со над 3.000 Македонци во неа. Само што, надвор од неа „подготовките“ за мечот се одвиваа на различни локации, во три различни фан-зони на „фалангата“, што наместо обединета, во австриската престолнина е со девизата „Секој на своја страна“.
„И како тоа, овде сме Срби, Босанци, Хрвати… сите сме заедно, а Вие Македонци, во ист град, поделени на три страни?“ – ќе слушнете прашање на „Балкан Штрасе“. И немате одговор…